1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Насилство меѓу средношколци или планиран инцидент?

Катерина Блажевска16 ноември 2013

Инцидентот е планиран, а автобусот број 65 кој поминува низ села со различен етнички состав е намерно избран за напад, за да може случајот да добие меѓуетнички предзнак, тврдат експерти за безбедност за Дојче веле.

https://p.dw.com/p/1AIhE
Фотографија: picture alliance/dpa

Ова што се случува не е насилство меѓу средношколци, туку планиран инцидент кој треба да предизвика страв и тензии во меѓуетничките односи, тврдат за ДВ експерти за безбедност кои сакаат да останат анонимни, по нивната анализа на јавно објавените податоци за завчерашниот инцидент во автобусот број 65, кога маскирани напаѓачи со метални и дрвени палки нападнаа десетина деца, од кои шест беа повредени. Според нив, „доколку станува збор за одмазда за претходен инцидент, атакот на напаѓачите би бил насочен кон точно одредено лице или лица во автобусот, но тие удирале по кого ќе стигнат, па дури и врз малолетни девојчиња, што укажува дека не се работи за некаква возвратна тепачка, туку за намера да се предизвика општа тензија и страв“.

Автобусот број „65“ не е случајно избран како мета на напад, тврдат експертите. Неговата маршрута до Стајковци, Булачани, Раштак и други соседни села во кои живеат Македонци води преку населбата Ченто и селото Синѓелиќ, кое е претежно населено со Албанци, со што намерата е овој инцидент „автоматски“ да се здобие со меѓуетнички предзнак. Се чини дека напаѓачите уште вечерта ја постигнале целта. По веста за тепање ученици од Стајковци, жители Македонци од ова село го запреле автобусот со број 65A, кој превезувал ученици Албанци од соседното Страчинци. И покрај присуството на полицијата, учениците биле задржани околу 2 часа, се‘ додека не пристигнале жители на Страчинци да ги „oслободат“. Претседателот на Месната заедница Страчинци, Аднан Хајрулаи, изјави дека таквиот обид за одмазда е необјаснив, бидејќи предизвикувачите на претходниот инцидент не биле жители на Страчинци. Но, засега никој со сигурност не може да каже кои биле напаѓачите. Полициската истрага за нивна идентификација е во тек, а отежнувачка околност е фактот дека тие биле маскирани, а нивните возила биле без регистерски таблички.

Бараат полициска станица

Шесте повредени малолетници од блиските села Стајковци, Раштак, Булачани и Црешево се пуштени на домашно лекување, но она што тешко се лекува е состојбата на теренот. На голем дел од средношколците од Стајковци родителите вчера (15.11) не им дозволиле да заминат во училиште, поради загриженост за нивната безбедност. Деновите од викендот ги доживуваат како куса временска брана од проблемите. Некои од нив размислуваат заеднички да ангажираат комби-превоз до училиштата со цел децата да ја избегнат подвижната арена со број 65. Велат дека присуството на полициски патроли во Стајковци и во околните села им дава некаква привремена сигурност, но тие бараат трајно решение - МВР итно да се отвори полициско одделение во Стајковци. Тони Бојковски, секретар во општината Гази Баба и претставник на месните власти во Стајковци, вели дека за таквото барање едногласни се и Македонците и Албанците. Но, инциденти се случуваат и таму каде што има полициска станица. Според полицискиот билтен, инцидентот во Стајковци не бил единствениот тој ден. Во два одвоени инциденти ученици се пресметувале и на автобуска постројка на булеварите „Трета Македонска Бригада“ и „Борис Трајковски“. Во првиот случај 15 члена група нападнала 17-годишен ученик, а во вториот, момче нападнало двајца ученици, но за среќа пресметките завршиле без посериозни повреди. Бранот инциденти продолжи и вчера. Околу 12 часот кај Транспортниот центар во Скопје група млади претепале ученик кој патувал со автобусот со број 7.

Öffentliche Verkehr in Skopje
Наместо со автобус, на училиште со комби-превоз?Фотографија: DW

Искуството предупредува

Пред десетина дена редакцијата на „Лајм“ објави апел до родителите Албанци да внимаваат на своите деца со цел да се спречат тие да бидат инволвирани во можни инсценирани инциденти. Апелот уследи непосредно по изјавата на лидерот на ДУИ, Али Ахмети, дадена во емисија на ТВ Алсат, дека „Македонија никогаш не била поблиску до решение за името“. Апелот на „Лајм“, во кој се нагласува „моментот за името“, од албански јазик го преведе аналитичарот Арсим Зеколи и го постираше на неговиот Фејсбук профил.

„Ги повикувам медиумите на македонски јазик да го следат примерот на дневниот весник ’Лајм’ и да го преземат денешниот апел упатен до граѓаните, кој добива на актуелност со оглед на тоа што се наближува сезоната на традиционалниот, зимски ’Кале’-патриотизам. Сменете го ’албански’ со ’македонски’, пораката е иста…“, напиша Зеколи. Еве што порача редакцијата на „Лајм“ во апелот објавен на 4 ноември:

„Врз основа на горкото искуство од минатото, кога често вниманието на јавноста од некоја тековна криза се дефокусираше низ разни монтирани инциденти, упатуваме апел до граѓаните од албанска националност да бидат внимателни во овој период и во врска со конфузната состојба поврзана со решавањето на спорот со името. Апелираме посебно до родителите Албанци кои имаат деца во училишна возраст. Во овој период е пожелно засилено да внимаваат кога децата одат на училиште и кога се враќаат, кога излегуваат во град, на спортски натпревар - се‘ со цел да се спречи можноста да бидат жртви на некој монтиран случај.... Децата и младите Албанци се најмалку виновни за тековните политички кризи. Затоа не заслужуваат со својата крв да ја покриваат неспособноста на властодршците да ги решат проблемите. Бидете внимателни вашите деца да не станат жртви на некој напад, но исто така не дозволувајте по никоја цена некој да ги куражи вашите деца за да ги напаѓаат своите македонски врсници. Горкото искуство покажува дека таквите инциденти се инсценирани за да ја дефокусираат јавноста или за политичка промоција на одредени личности. Нагласуваме дека овој апел не се заснова на некоја информација дека се подготвува некаков инцидент или акција. Туку, повторно, врз основа на горките искуства кои се повторуваат секоја година. Апелот не цели кон создавање на тензии. Напротив -создавањето на каков било вид тензии е непотребно и оди во прилог единствено на оние кои фабрикуваат инциденти и кризи“, порача редакцијата на весникот „Лајм“. Апелот го пренесоа само дел од интернет-порталите на македонски јазик.