1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Настаните на Блискиот Исток во светот се проследени и со демонстрации

Искандар ел Дик / Рајнер Зитфелд19 јули 2006

Произраелски демонстрации во САД, каде има силно еврејско лоби, а Либанците во егзил протестираат против израелските напади врз нивната татковина

https://p.dw.com/p/Adzo
Седиштето на ОН во Њујорк
Седиштето на ОН во ЊујоркФотографија: AP

Во Берлин пред Бранденбуршката порта околу два илјади Либанци, Палестинци и други Арапи учествуваа на демонстрации на повик од Координациониот комитет на арапската општина. Учесниците протестираа против нападите врз Либан, го осудија бомбардирањето на цивилното население и на цивилни цели како во Либан, исто така и на палестинските територии. Меѓу демонстрантите беше и Асала Бадјар: „Јас како Палестинка учествувам на собиров за да го искажам својот протест против нападот врз суверенитетот на Либан како арапска држава, како и против тоа што на удар се најде цивилно население како во Палестина, исто така и во Либан“.

Лекарот Амар Канзу, Германец од либанско потекло, е претставник на Германско-арапската општина во Берлин. Тој е воздржан во однос на предлогот на либанскииот премиер Фуад Синиора, на границата кон Израел да биде испратена либанската армија: „Кога тоа би било внатре-либанско решение, верувам дека би можело да го реши конфликтот. Но, ценам дека сега тоа не е толку важно. Сега е важно да биде запрен израелскиот напад врз Либан. Потоа проблемот би можел да биде разгледан на тркалезна маса, на пример, со сите меродавни сили во Либан“.

За в недела повторно се закажани демонстрации во Берлин.

Во Њујорк спротивно расположение: пред седиштето на ОН уште во понеделникот повеќе илјади луѓе демонстрираа подржувајќи го Израел во актуелната ескалација. Њујорк е центар на еврејството во САД и со 1,4 милиони Евреи меѓу неговите жители најголем еврејски град надвор од Израел. Најистакнат говорник беше Хилари Клинтон, сопруга на поранешниот американски претседател Бил Клинтон, која е и сенатор на сојузната држава Њујорк и можен иден претседателски кандидат на Демократската партија. „Израел мора да се брани против терористите, светот споулавел ако преговара со терористите – со нив нема преговори“ – рече Хилари Клинтон.

Дури ни носителот на Нобеловата награда за мир Ели Визел не го спомна зборот мир: „Израел врши самоодбрана и ние мораме да му упатиме порака и натаму да се брани самиот себе си“.