1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Натегањето околу преговорите со Турција продолжува

3 октомври 2005

Од разно изутринава шефовите на дипломатиите на европските 25-мина повторно заседаваат во Луксембург во обидот сепак во последен миг да го сочуваат образот на ЕУ и да овозможат почеток на преговорите за членство со Турција, како што беше ветено.

https://p.dw.com/p/AcCJ
Министерот за надворешни работи на Австрија, Урсула Плашник
Министерот за надворешни работи на Австрија, Урсула ПлашникФотографија: AP

Клучниот проблем е во тоа што сите министри, освен колешката од Австрија, се залагаат за преговори за полноправно членство на Турција. Таа пак бара на Анкара да и‘ се понуди привилегирано партнерство.

За сега се постигнати само мали чекори напред, посочи Плашник:

„Сите ние не смееме да ја загубиме надежта, но исто така сите мораме да покажеме и готовност на компромиси во оваа особено напната и тешка ситуација. Потребна ни е и студена глава и свест за одговорност. Во таа насока апелирам до сите нас„ – нагласи Плашник.

Актуелниот претседавач со Советот на министрите за надворешни, Британецот Џек Стро изјави дека е многу исфрустриран поради целото натегање.

„Се надевам дека вооваа ситуација сепак ќе постигнеме напредок, но не можам да предвидам дали навистина тоа ќе ни појде од рака!„

Во случај тоа сепак да не се случи, ќе мора дури да дојде до принудно поместување на преговорите со турската делегација, кои се закажани за 17 часот. Шефот на турската дипломатија Абдула Ѓул изјави дека нема да патува за Луксембург се‘ додека не стои јасно и гласно дека цел на преговорите е полноправно членство на Турција во ЕУ. Во Луксембург се очекува денеска да допатува и главниот обвинител на Хашкиот трибунал Карла дел Понте, која треба да ги извести министрите за соработката на Хрватска околу спорачување на лицата осомничени за воени злостори. Тоа прашање може да одигра клучна улога, бидејќи Австрија бара ЕУ да почне и преговори со Хрватска, како услов за да ја повлече блокадата од преговорите со Турција.