1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

НАТО го положи тестот во Либија

5 септември 2011

НАТО постигна голем успех со уривањето на режимот на Гадафи во Либија и притоа го докажа својот кредибилитет. Сега, многумина очекуваат тоа да се повтори и во акции против други диктатори.

https://p.dw.com/p/12Lhg
Француски авион на небото над ЛибијаФотографија: AP

Оклопни возила, командни центри, радарски системи- НАТО систематски се насочи кон режимот на Гадафи во Либија. Беа изведени повеќе од 7.500 акции во Либија, сите во името на резолуцијата на ОН која имаше за цел заштита на цивилното население во земјата и секако победа на бунтовниците.

„Воздушните напади ја уништија инфраструктурата на режимот, бункерите, командните структури. Но она што е најважно тие им обезбедија на бунтовниците време. Тоа беше одлучувачко. На тој начин бунтовниците успеаја да се организираат“, вели Роланд Фројнденштајн од Центарот за европски студии.

Од присобрани волонтери со калашникови, бунтовниците со помош на НАТО станаа воена сила. Тоа што на крајот тие успеаја да стигнат и до главниот град, многумина не веруваа дека е можно.

„НАТО беше одлучувачкиот фактор, кој што овозможи Гадафи да биде нападнат и контролиран од воздух, додека конфликтот се одвиваше на теренот. Мислам дека НАТО го одлучи овој конфликт“, објаснува Гилс Мерит од организацијата „Безбедносна и одбранбена агенда“.

Нема да се испраќаат копнени трупи

Каква улога може НАТО сега да одигра за да ја осигура победата, останува нејасно. За да се одржи мирот во Либија најверојатно ќе мора да се испратат и копнени трупи.

Bürgerkrieg in Libyen Erfolg der Rebellen
Фотографија: dapd

„Постои голем отпор кај сојузниците, кои што се во финансиска криза, да испратат копнени трупи. Тие се многу скапи и секогаш се поставува прашањето кога е вистинското време за нивно повлекување?“, вели Мерит.

Иако за Либија допрва доаѓа одлучувачката фаза, за НАТО главната цел е постигната. Алијансата успеа да си го поврати кредибилитетот и самодовербата.

„Иднината на НАТО со години се доведува во прашање, но во овој случај се докажа дека таа може да биде и светла“, оценува Роланд Фројнденштајн.

Но, успехот во Либија за НАТО значи и зголемен притисок да се реагира и во други случаи против злосторствата на диктаторите.

Автор: Карил Каилс/Борис Георгиевски

Редактор: Симе Недевски