1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

НАТО демонстрира единство

Штефан Ибербах/ дпа/Александра Трајковска22 мај 2012

На најголемиот самит во историјата на воениот сојуз, НАТО ги постави насоките за новата колективна одбрана, а беше утврден и план за повлекување од Авганистан до крајот на 2014. година.

https://p.dw.com/p/14zg2
Фотографија: Reuters

НАТО не се колеба. Нови способности и глобални партнерства треба да го подготват Сојузот за предизвиците на 21. от век, подвлече на крајот на дводневниот Самит со повеќе од 60 шефови на држави или влади, генералниот секретар на Северноатлантската алијанса, Андерс Фог Расмусен.

Останува поддршката за Авганистан

Временската рамка за повлекување на трупите е утврдена, Авганистанците ќе можат и потоа да сметаат на помош од Западот - ова е централната порака од Самитот на НАТО во Чикаго. Северноатланската алијанса планира да остане во Авганистан и по повлекувањето на меѓународните трупи, планирано за крајот на 2014. година. Но, воената мисија треба да прерасне во мисија за тренинг и помош за авганистанската армија и полиција. Американскиот претседател Барак Обама временската рамка ја оцени како солидна и оправдана.

„Дали со ова се поврзани ризици, апсолутно. Во наредните две години ќе има не само добри, туку и лоши моменти, апсолутно. Но мислам дека ова е соодветна стратегија за да се постигне стабилност во Авганистан, иако не е перфектна, и да ги вратиме нашите војници дома“.

NATO-Gipfel in Chicago 2012
Фотографија: picture-alliance/dpa

Германската канцеларка Ангела Меркел потсети на тоа дека помошта за Авганистан е поврзана и со ангажман на самата земја. Раководството околу претседателот Хамид Карзаи мора да стори повеќе во борбата против корупцијата и производството на дрога. Работата на владата би требало да се подобри. Германската влада не стравува дека покрај Франција, и други нации меѓу 40 земји кои имаат свои војници во Авганистан, ќе ги повлечат трупите уште пред договореното време. Министерот за надворешни работи Гидо Вестервеле изјави:

„Остануваме заедно. Сојузот не се расцепкува. Важно е што овде беше најдена заедничка линија со нашите француски партнери, но и со другите.“

Да се обезбеди постигнатото

Трошоците за новиот ангажман на НАТО по крајот на 2014. година се проценуваат на околу 3,2 милијарди евра годишно. Германија во обуката на авганистанските сили за безбедност ќе учествува со 150 милиони евра годишно.

„Ова не го правиме само поради љубов кон ближниот, туку долгорочно да го осигураме она што е сторено во последните десет години“, изјави германскиот министер за одбрана Томас де Мезие.

Британскиот премиер Дејвид Камерон изјави дека и по 2014. година ќе мора да останат борбени трупи во Авганистан, иако значително помалку од сега, но луѓето не смее да се залажуваат.