1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

НАТО изведе напади врз сателитски телевизиски предаватели во Либија

30 јули 2011

Борбени авиони на меѓународниот воен сојуз уништија три сателитски предаватели на либиската државна телевизија. Акцијата е во согласност со мандатот на Советот за безбедност на ОН, се вели во Брисел.

https://p.dw.com/p/126ka
Фотографија: US Air Force/TSgt. John K. McDowell

Властодржецот Моамер ел Гадафи мора да биде попречен со помош на телевизијата да тероризира цивили, изјави денеска портпаролот на НАТО Роланд Лавуа.

„Нашата интервенција беше неопходна, бидејќи телевизијата во апаратот на режимот е важен составен дел, и се користи за заплашување и поттикнување кон акти на насилство против своите сонародници“, наведе Лавуа. Акцијата е во согласност со мандатот на Советот за безбедност на ОН за заштита на цивилното население, се вели во Брисел.

Трите сателитски антени во Триполи биле погодени со прецизни напади. Државната телевизија денеска меѓутоа и натаму емитува програма во Триполи.

Вработени во телевизијата тврдат, дека во овој напад на НАТО има жртви. „Тројца наши колеги се убиени, а 15 ранети додека ги вршеа своите професионални должности како либиски новинари“, изјави Халид Базилиа, директор на телевизијата Ал-Џамахирија, која емитува на англиски јазик. Тој нападите ги нарече „чин на меѓународен тероризам“ и тврди дека со нив се прекршени соодветните резолуции на ОН. Базилиа исто така посочи дека вработените во телевизијата не се ниту воени команданти, ниту пак се закана за цивилите и ја повика меѓународната заедница да ги заштити.

Автор: АТ/ дв/ макфакс

Редактор: Симе Недевски