1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

НАТО и Грузија ги зајакнуваат односите

Кристина Нагел16 септември 2008

Грузија и НАТО во Тбилиси договорија формирање комисија за потесна воена соработка. Одлуката за ова тело е последица на војната во Кавказ и влегувањето на руските трупи во Грузија.

https://p.dw.com/p/FIvS
Грузискиот претседател Михаил Сакашвили и генералниот секретар на НАТО, Јап де Хоп ШеферФотографија: AP

Документите за формирањето комисија ги потпишаа грузискиот премиер Гургенидзе и генералниот секретар на НАТО Јаап де Хоп Шефер. Одлуката за ова тело е последица на војната во Кавказ и влегувањето на руските трупи во Грузија. За првпат амбасадорите на Алијансата заседаваа во грузискиот главен град, а состанокот бил договорен уште пред почетокот на кавкаската криза.

Крупни зборови во Тбилиси

Во Тбилиси многу се зборуваше за историски моменти и камени темелници. Грузиската влада и НАТО - Советот демонстрираа единство во правец на Русија. Уште при поздравувањето на гостите, грузискиот претседател Михаил Сакашвили потенцираше:

„Вашето доаѓање е важна порака за грузискиот народ. Тоа е и сигнал до светот: Грузија и НАТО се партнери.“

И генералниот секретар на Алијансата јасно кажа дека НАТО - Советот дојде во Грузија зашто сака да види каде и како може да ја зајакне земјата. Двете страни беа единствени во критиката кон Русија. Додека Сакашвили ја обвини уште еднаш дека со години претходно провоцирала војна, Шефер изјави:

„Позицијата на НАТО беше и останува јасна: руската воена операција беше прекумерна. Русија мора да се погрижи да го исполни мировниот план од шест точки. НАТО него го подрдржуваше од почеток и тоа го прави и сега.“

Грузија треба да ги исполни обврските

Но, и Грузија има обврски. Алијансата е подготвена во декември повторно да расправа за нејзин прием во Акциониот план, кој важи како последна скала за полноправно членство, но земјата мора да изврши одредени задачи:

„Без разлика на тешката ситуација, Грузија мора да го продолжи процесот на демократизација. Тоа е основен услов, ако сака да оди на патот кон НАТО,“ изјави Шефер.

Georgien NATO Jaap de Hoop Scheffer in Tiflis
Шефер: прием во НАТО само со исполнети условиФотографија: AP

Во тоа треба да помогне новоформираната комисија НАТО Грузија, таа има истовремено контролна и советувачка функција. Таа ќе и‘ помага на грузиската влада во формирањето и спроведувањето на реформите, како и во донесувањето одлуки.

А токму на ова има забелешки грузиската опозиција: под власта на Сакашвили процесот на демократизација заостанува. Не беа одржани ниту слободни избори, ниту има слобода на медиумите. Водачот на опозицијата Леван Гатшешиладзе критикува:

„На Грузија одново и‘ треба демократија. Ни треба слобода на мислењето и на печатот, слободни избори, независно судство. Ако со помош на оваа средба и одлуките од неа, ни успее да тргнеме во оваа насока , јас многу би го ценел тоа.“

Опозицијата сака денеска на НАТО амбасадорите да и покаже поинаква внатрешнополитичка слика отколку претседателот. Притоа помалку ќе се зборува за камени темелници.