1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

НАТО како глобален пожарникар?

Кристина Бергман / Зоран Јордановски20 мај 2012

Несомнено е дека НАТО мора да се промени. Но, какви задачи треба да преземе во иднина? САД имаат сопствени идеи, за кои сакаат да се дискутира на самитот во Чикаго.

https://p.dw.com/p/14xYW
Фотографија: picture-alliance/dpa

Лов на пирати пред брегот на Сомалија, напади од воздух против трупите на Гадафи во Либија, обука на армијата на Авганистан - НАТО се’ повеќе презема задачи надвор од реонот на неговите фактички задачи; токму како што посакуваат САД. Николас Барнс, американски амбасадор во НАТО (2001 - 2005), во говорот што го одржа во март во Чикашкиот совет за глобални прашања, рече: „НАТО мора да биде најкомпетентниот за укажување прва помош во светот“. Северноатлантската алијансата во иднина ќе ги засилува односите со земјите од арапскиот свет - Тунис, Египет, целиот Блиски Исток. Во април во Норфолк, Вирџинија, на конференција за НАТО на Советот за светски прашања, слично се заложи и државниот секретар на САД Хилари Клинтон : „НАТО е’ и останува трансатлантска организација, но проблемите со кои сме денес соочени не се ограничуваат на еден океан, па и нашата работа исто така не може да се ограничи“.

Европејците и Американците - неединствени

Таквите барања наидуваат на скепса кај Европејците. Нивните армии воопшто не се ни поставени за готовност за големи акции насекаде во светот, смета доктор Гордон Адамс, професор по меѓународни односи на Американскиот универзитет во Вашингтон, кој во периодот 1993 - 1997 во Белата куќа беше надлежен за надгледување на буџетот за одбрана на САД. „Во безбедносно-политичките размислувања, Европејците повеќе се ограничуваат врз Европа и поблиското опкружување, додека Американците размислуваат глобално“, вели Адамс. Освен тоа, се покажа и дека кај антитерористичките акции Европејците тежиште ставаат врз полициските задачи, а САД врз воениот фактор. Покрај ова, посебно Германците, во меѓународните акции ги гледаат ОН како надлежна организација. Според нивно сфаќање, НАТО притоа не треба да биде конкурент, уште помалку да игра „чистач“ кога во ОН не може да биде постигната согласност.

Dr. Gordon Adams
Гордон Адамс: Европејците повеќе се ограничуваат врз Европа и поблиското опкружување, додека Американците размислуваат глобалноФотографија: Privat

Нејасност владее и во размислувањата што по 2014 во Авганистан, кога официјално треба да заврши борбениот ангажман, вели Адамс: „Која е идната улога на НАТО во Авганистан - сакаат ли Европејците воопшто да играат некаква улога таму?“ Авганистан ќе биде во фокусот на самитот во Чикаго, оти е јасно дека уште најмалку една деценија ќе зависи од меѓународната подршка.

Помина времето на копнени војни

Во 2009 година адмиралот Џејмс Џ. Ставридис стана прв морнарички офицер поставен на чело на армијата на САД. За Гордон Адамс тоа е израз на сфаќањето дека „централниот фокус на НАТО веќе не лежи во ’Фулда геп‘ (областа меѓу Франкфурт на Мајна и некогашната меѓугерманска граница, н.з.)“, односно дека најголемата закана веќе не се гледа во копнена војна меѓу Исток и Запад во срцето на Европа. „Во интервенциите на САД во изминатите 10 до 15 години беа потребни и одредени копнени трупи, но првенствено беа битни способности во воздух, напади со беспилотни летала и крстосувачки ракети, бомбардирања изведени од бродови“, вели Адамс. Тука офицер на копнени трупи веќе нема никаква предност во однос на офицери од други родови војска.

Symbolbild Nato
САД бараат од европски сојузници во иднина да играат поголема улогаФотографија: AP

САД бараат од европски сојузници во иднина да играат поголема улога. Николас Барнс тука првенствено мисли на Германија. Како водечка европска земја со најголема економска сила таа има значително влијание, „но во НАТО не го гледаме тоа влијание, ни во војничка, ниту во политичка смисла“, критикува тој.

Но, во САД има и разбирање за тоа, дека Германците не се расположени да се откажат од својата култура на воена воздржаност. Гордон Адамс укажува дека секоја земја поинаку ги дефинира своите интереси: „САД мораат да учат дека европските сојузници не ја преземаат едноставно американската дефиниција на безбедносна политика“.

На наредната страница:

Како да се постапува со намалените финансии?

Во тоа спаѓа и дека Европејците ни оддалеку не издвојуваат толку многу пари за одбрана, колку што би бим било мило на Американците. Според правилата на НАТО, земјите членки треба да трошат два процента од БДП (бруто домашниот производ) за одбрана. Најголем дел од државите значително ја промашува таа цел. Буџетот за одбрана на Германија лани изнесуваше 1,4 проценти.

Deutschland Berlin Bundeskanzlerin Merkel und NATO Generalsekretär Rasmussen
Европејците не издвојуваат толку пари за одбрана, колку што би бим било мило на АмериканцитеФотографија: dapd

Со оглед на празните државни благајни, САД се подготвени да прифатат креативни решенија во форма на комплементарна распределба на задачите. Во говорот во Норфолк Хилари Клинтон ја наведе како пример соработката кај новиот систем за противвоздушна одбрана: „Ако мораше секоја земја од НАТО поединечно да го купува тој систем, би било извонредно скапо. Но, со тоа што ги поврзавме ресурсите и го поделивме товарот, добивме за секој од сојузниците подобра безбедност со помали трошоци“. Во системот учествуваат 13 земји, меѓу нив и Германија и САД.

Доверба во армијата на соседот?

Но, до каде може да оди тоа поврзување на ресурсите? Има резон кога поедини членки на НАТО го поставаат прашањето, дали секоја земја денес има потреба од сопствено воено воздухопловство, смета Стивен Пајфер, поранешен амбасадор во Украина и некогашен член на американскиот национален совет за безбедност. Тешко е, вели тој, да се убеди некоја земја дека во сериозен случај ќе може да се потпре врз војниците од соседна држава: „НАТО, значи, мора многу точно да обмисли како ќе се организира таа распределба, за една земја - кога ќе реши да се откаже од одредени војнички структури - да има пристап до соодветни ресурси во соседна држава“.

Clinton, Panetta, Nato, Afghanistan
САД не можат без НАТОФотографија: Reuters

И покрај сите разлики во мислењата, ни САД не можат без алијансата. „НАТО ни е потребен за да го зачуваме мирот, единството и демократијата во Европа“, нагласи Николас Барнс во говорот во Чикаго. Американците и овде првенствено мислат на комплементарна поделба на задачите. Оти, ако европските држави од НАТО самите се погрижат за редот на својот континент, тоа им овозможува на САД да ги повлечат трупите, кои во рамките на новата американска одбранбена доктрина би биле поитно потребни на друго место, на пример во Азија.