1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

290410 Kandahar Offensive

29 април 2010

Веќе со месеци се зборува за голема офанзива на ИСАФ во авганистанската провинција Кандахар. Задачата гласи - да се протераат талибанците од градот и од провинцијата Кандахар, која се наоѓа на југот на Авганистан.

https://p.dw.com/p/N8na
Фотографија: AP

Советникот за безбедност на американскиот претседател Џејмс Џонс, кој порано беше командант на НАТО, пред новинарите зборува за стратешки важен момент во историјата на мисијата во Авганистан. Со голема офанзива во провинцијата Кандахар, ИСАФ има намера да ја намали моќта на талибанците во регионот кој се смета за бастион на радикално-исламистичките борци. Офанзивата во Кандахар ќе наликува во многу нешта на офанзивата во Хелманд, најави командантот на ИСАФ Стенли Меккристал. Се работи за подобро раководење и поголема безбедност за населението, за луѓето да можат послободно да се движат и живеат.

Американскиот претседател Обама во Авганистан испраќа 30.000 дополнителни војници, засилување кое е наменето и за планираната офанзива во Кандахар. Талибанците се активни во градот Кандахар, но и во општини околу градот, вели генералот Меккристал.

Меккристал не очекува некаква „голема битка за Кандахар“

Генералот смета дека во околината ќе има различни места во кои талибанците ќе се борат за свои сфери на влијание. Што се однесува до градот, НАТО не очекува борба „улица по улица“, какви што Американците водеа во Ирак, во градовите Фалуџа и Багдад. Меккристал очекува преземање на контролата во градот кварт по кварт и смета дека безбедноста ќе се подобрува постојано. Решавачки е трупите во регионите од кои ги протерале талибанците да не се повлекуваат.

US-General Stanley McChrystal
Американскиот генерал Стенли Меккристал вели дека нема ден „Д“Фотографија: picture-alliance/ dpa

Кандахар е земја на Паштуните

Најголемиот број племиња од овој народ се длабоко религиозни и конзервативни. Нивниот поглед на светот му е многу поблизок на оној што го имаат талибанците, отколку на оној што го има Западот. Кај Паштуните талибанците ги регрутираат најголемиот број свои борци. Паштуните досега профитираа најмалку од меѓународната помош и во нивните редови има најголем број жртви од досегашниот ангажман на меѓународните трупи.

Авганистанскиот претседател Хамид Карзаи е Паштун. Тој е од Кандахар, а гувернер на провинцијата е негов полубрат. Под негово раководство во провинцијата Кандахар цути корупција, а Кандахар се претвори во центар на трговијата со опиум. Централната власт и претседателот тука имаат малку влијание. Карзаи, во изминатите недели, се обиде со вербални напади на сметка на Западот да добие поени и да го зголеми угледот кај Авганистанците. Тој на луѓето им ветува дека ако не сакаат нема ниту да има операција на сојузниците во Кандахар. Карзаи ги нарекува сојузниците „странци“.

Командантот на ИСАФ останува опуштен

Меккристал заедно со Карзаи беше на Собранието на племенските старешини, за да направи политичка подготовка на офанзивата во Кандахар. Тоа што Карзаи во негово присуство им се обрати на старешините со вакви зборови, за Меккристал е помалку важно од сигналот за партнерството што прозилегува од заедничкиот настап на претседателот и генералот на НАТО. Понепријатно, според Меккристал, би било кога Карзаи воопшто не би го земал на Собранието и не би му дозволил да слуша и да учествува.

Karte Afghanistan Schutztruppe ISAF, Deutsch, Stand: März 2009
Преглед на петте команди на ИСАФ во Авганистан

Меккристал не кажува кога ќе стартува офанзивата во Кандахар. Вели дека не постои „ден Д“. Набљудувачите шпекулираат дека воената офанзива би можела да стартува во јуни или барем правовремено за да може да заврши во август, кога почнува месецот на пости - Рамазан.

Автор: Улрике Босе/ Елизабета Милошевска Фиданоска

Редактор: Александра Трајковска