1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

НАТО се прошири, неизвесно е кога Македонија ќе дојде на ред

30 март 2004

Политичарите го слават најголемото проширување во историјата на НАТО, но за воените структури тоа може да донесе повеќе грижи отколку предности. Експерти сметаат дека во наредните 4-5 години ќе нема проширување на Алијансата

https://p.dw.com/p/AcOQ
Мисија на НАТО во Македонија
Мисија на НАТО во МакедонијаФотографија: AP

Војничкиот придонес што можат да го дадат новите членки е минимален. Само 10 до 15 насто од нивните армии се употребливи за НАТО – остатокот им е во бедна состојба. Оружјето им е главно од советско потекло или произведено според лиценци од тогашниот Советски сојуз, а неговата замена создава огромни буџетски оптоварувања. Оружје расходувано во западните земји им се подарува или релативно поволно им се продава на новите членки и таму ќе биде користено барем во наредните 10 до 15 години. Освен тоа, најголемиот дел од овие држави членството во НАТО го сфаќаат во прв ред како обезбедување заштита од напад од трети земји и по приемот најверојатно значително ќе го намалат буџетот за одбрана, проценува Андреас Хајнеман-Гридер, експерт за Источна Европа од Меѓународниот центар за конверзија во Бон. Според него, нејасно е кога аспирантите за членство Македонија, Хрватска и Албанија ќе дојдат на ред за прием. Тој смета дека во наредните 4 до 5 години ќе нема наредна рунда на проширување и во Брисел побргу гледа тенденција подготовките на тие земји за членство во НАТО да се поврзат со напорите за пристап кон ЕУ.

“Овде заедничката порака гласи: вие треба меѓусебно да кооперирате - не можете како индивидуалисти да дојдете во НАТО. Морате прво да изградите регионална инфраструктура, да ги отстраните последиците од војната - пред се’ оние кои и натаму постојат во главите, пред воопшто да може да се случи проширување на НАТО. Алијансата не сака да покани несигурни кандидати - значи потенцијални жаришта на конфликти, што беше и еден од критериумите кај оваа втора рунда на проширување: сите, кои создаваат дополнителни проблеми за НАТО, засега остануваат надвор од него” – оценува Андреас Хајнеман-Гридер од Меѓународниот центар за конверзија во Бон.