1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

НАТО се проширува

29 март 2004

Не само ЕУ, туку и НАТО, годинава го прави најголемото проширување во својата историја. Во Вашингтон денеска седум земји ќе ги потпишат пристапниците за влез – трите балтички држави, Словачка, Словенија, Бугарија и Романија.

https://p.dw.com/p/AcOS
Главниот штаб на НАТО во Брисел
Главниот штаб на НАТО во БриселФотографија: dpa

”Цитирајќи еден стар средноевропски израз, велам – Халелуја!”

Халелујата на Медлин Олбрајт се однесуваше на Полска, Чешка и Унгарија. Американската министерка за надворешни работи, инаку во март 1999 година, имаше малку повод за шеги – приклучувањето на трите земји во НАТО дојде во време кога алијансата ја имаше својата прва воена мисија во историјата и се обиде да го свитка на колена моќникот Слободан Милошевиќ по прашањето на Косово.

Полска, Чешка и Унгарија не треба да останат единствените источноевропски земји кои се приклучуваат кон НАТО. Тоа алијансата го стави до знаење уште пред пет години, кога го создаде Партнерството за мир и т.н. Евроатлантски партнерски совет. Во него некое време седеа 30 земји кои не се членки на алијансата – покрај источноевропските и голем број централноазиски држави. Оттогаш НАТО со нив дискутира редовно по прашања на безбедносната политика и воената соработка. Оние земји кои имаа реални надежи за полноправно членство, во средината на мај 2000-та година се собраа во Вилнус групата. Таа прво ги опфаќаше Албанија, Бугарија, Естонија, Летонија, Литванија, Македонија, Романија, Словенија и Словачка, а подоцна се приклучи и Хрватска.

На почетокот од октомври 2001 година, речиси еден месец по терористичките напади во Њујорк и Вашингтон, десетте земји се собраа во Софија за да ја демонстрираат својата солидарност со САД. Тогашниот генерален секретар на НАТО, Џорџ Робертсон, им порача дека исполнувањето на критериумите за приклучување е најдобар придонес во борбата против тероризмот.

”Тоа не значи само ефективни полициски сили и војници на границите, туку и добри односи меѓу различните етнички групи, добри односи со соседите и особено борба против корупцијата, перењето пари и организираниот криминал.”

Нестабилноста и насилството се плодна почва за терористите, рече Робертсон. Апел, кој беше пред се упатен до земјите од ЈИЕ.

Оттука не е изненадување, што Албанија, Хрватска и Македонија на крајот на ноември 2002 година мораа да останат на клупа за чекање. НАТО за прием покани седум од десетте држави аспиранти.

Една од најтешките пречки притоа, беше постигнување разбирање со Русија. Руската влада ја гледаше сопствената безбедносна сфера загрозена, пред се со приклучувањето на трите балтички земји во НАТО. Така, правото на Москва за рамноправност во разговорите со алијансата е подигнато преку т.н. Совет НАТО-Русија. Отстапка, што на Балтикот во првите моменти предизвика жестоки протести.

Но, преку Советот се испеглаа разликите. Кога на крајот на ноември 2002-ра на самитот во Прага беше заклучено проширувањето на алијансата, германскиот канцелар Герхард Шредер, рече:

”Мислам дека е важно да се укаже на тоа дека овој процес на проширување е дискутиран со Русија на исклучително фер и отворен начин. Таа отвореност ќе продолжи и во натамошните разговори со Русија.”

Четири месеци подоцна, на крајот на март 2003-та, во Брисел се потпишани протоколите за приклучување. И овој термин дојде среде криза во редовите на алијансата. НАТО беше поделен меѓу алијанса за ирачката војна и противници на војната. Робертсон и покрај кризното расположение, вложи огромен напор да го пофали проширувањето на НАТО како историски настан:

”Тоа е нашиот Биг-Бенг. Тој маркира витален чекор во развојот на евроатлантската заедница, со ветување за безбеднст и стабилност на двете страни на Атлантикот.”