1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Натпросечно интелигентните деца во Македонија оставени сами на себе

Антоанела Димитриевска17 март 2013

Во Македонија има натпросечно интелигентни деца, кои имаат различни научни дарби, а кои сами и со помош на родителите и професорите ги усовршуваат. Државата засега малку прави за нивно финансирање и едуцирање.

https://p.dw.com/p/17z9K
Фотографија: Fotolia/Sergej Khackimullin

Никој во Македонија не знае точно колку возрасни, а колку деца и млади до 18 години се натпросечно интелигентни. Но, според некои сознанија на стручњаците ги има доволно. Засега нивниот потенцијал е недоволно искористен, затоа што се препуштени самите на себеси за да ја развиваат и позитивно искористат својата натпросечност.

Надлежните ги прават првичните чекори, но засега без посебни резултати

Дојче веле побара конкретни податоци за состојбите со натпросечно интелигентните деца од надлежните во Министерството за образование и наука и Бирото за развој на образованието. Тие немаат такви податоци. Сите нивни активности на овој план се започнати пред година-две и се’ уште се во почетна фаза и без поголеми резултати. Од Министерството за образование и наука, во одговор даден за ДВ, се појаснува:

Symbolbild Studentin Banner
Учениците сами и со помош на родителите го развиваат својот талентФотографија: Fotolia/stokkete

„Согласно програмата на Владата на Република Македонија, Министерството за образование и наука работи на развивање на систематска и континуирана работа со талентирани ученици. Нашата правна регулатива веќе ги обврзува сите основни и средни училишта да вршат додатна настава со деца кои покажуваат талент по дадени предмети“.

Прашање е велат добрите познавачи во македонското образование колку и како засега сето ова практично се реализира. На овој план се незадоволни и натпросечно интелигентните деца, кои за ДВ велат дека тоа всушност и не функционира. На прашање на ДВ што конкретно било направено, од Министерството за образование и наука појаснуваат:

„Конкретно минатата година Министерството обезбеди четири целосни стипендии за талентирани ученици од Македонија кои го посетија летниот камп за талентирани ученици во Центарот за талентирани млади во САД“.

Светски награди без државна помош

Aleksandar Solev Schüler Gymnasium Skopje Mazedonien
Александар СолевФотографија: Antoanela Dimitrievska

Александар Солев од Велес во март ќе наполни 17 години. Еден е од бројните натпросечно интелигентни деца и млади во Македонија, кои се оставени сами на себе и своите родители за да ја развиваат својата натпросечност во различни научни области.

Тој е вљубеник во хемијата и со своите научни трудови веќе освои бројни медали и признанија во Македонија и странство. Тоја минатата година освои две бронзени медали во Хјустон и на натпреварот GENIUS во Њујорк, САД, со своите научни трудови посветени на заштита на животната средина - за искористување на згурата од велешката Топилница за прочистување на водата, како и користење на згурата за одгледување на одредени растенија.

„Љубовта во науката ја имам од основно образование. Во училиште ми беше малку тоа што го учев па затоа дома самиот дополнително се надоградував од интернет, енциклопедии, телевизија. Во Македонија недостасуваат посебни класови каде што натпросечно интелигентните ќе се усовршуваме. Нема ни во средните државни училишта. Таму нема никаква пракса. Затоа јас се запишав во приватното средно училиште ’Јахја Кемал’ во Скопје“, ни појаснува Александар и потенцира: „Имам голема научна подршка од професорите, имам добри услови за работа, лабараторија. Но, засега ми недостасува финансисиката поддршка од државата. Во се’ ме финансираат моите родители, а за поскапите научни проекти наместо да творам, морам да губам време и да одам по фирмите да барам спонзори“.

Потребен е посебен Фонд за натпросечно талентираните

Во Македонија има некои стипендии, но тие се воопштени за сите ученици. Родителите посочуваат дека треба да има посебни стипендии за натпросечно талентираните деца и тие да се даваат на најдобрите без врски. Анита Солева, мајка на Александар. Појаснува:

„Добро е што со сопругот имаме просечни материјални услови и можеме донекаде да финансираме во научната работа на нашиот син, инаку за жал тој не би можел научно да се изрази. Во Македонија е потребно вистински да профункцинира Фонд за посебно талентирани деца и млади, а кој финансиски ќе ги поддржи во нивната научно-истражувачка работа“.