1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Научен успех оптоварен со морални дилеми

Aischmann, Frank19 јануари 2008

Најновиот поттик за разгорување на дебатата околу клонирањето дојде од САД: тим научници успеал да создаде т.н. матични клетки преку спојување на клетки од кожа до јајце клетки

https://p.dw.com/p/Cufz
Може ли напредокот на генетската наука да има здрави морални темели?Фотографија: dpa
Фирмата за медицински истражувања „Стемаген„ ја однесе славата на меѓународната научна сцена. На тимот на Ендрју Френч му појде од рака за прв пат во историјата да клонира клетки од кожата. Запрашан со каква цел се вршеле ваквите истражувања, Френч одговара: „Наша голема цел е создавање матични клетки што и‘ одговараат на онаа од кожата, а кои ќе бидат погодни за трансплантација на кожа или други органи.„
Каква технологија е применета?
Во принцип научниците од Калифорнија ја применија истата техника со која пред 12 години беше клонирана овцата Доли. Она што кај животните веќе одамна функционира се покажа многу покомплицирано кај луѓето. На научниците им требаа 29 јајце клетки подарени од три жени за да го постигнат пробивот: „Прво земаме клетки од кожата, тоа значи максимално еден до два милиметри од кожата на донаторот. Потоа нив ги култивираме и добиваме милиони кожни клетки. Одбираме една од нив и ја ставаме на местото на јадрото на јајце клетката, кое претходно сме го отстраниле. Таквата испразнета јајце клетка со клетката од кожата почнува да се развива како ембрион и го достига стадиумот на т.н. бластоциста. Тоа наликува на мало топче ткиво од кое после можеме да користиме матични клетки.„ Американскиот тим научници успеа да докаже дека ново создадените клетки ја имаат генетската информација на дарителот на кожните клетки.
А моралните дилеми?
На ова место почнува дебатата за моралните принципи. Смееме ли да создаваме вештачки нов живот, кој подоцна ќе биде уништуван? Можеме ли да создаваме ембриони кои ќе ги користиме за резервни делови за човечкото тело? Од вештачки оплоден ембрион би можело да се создаде и ново човечко тело. За водачот на американскиот им Ендрју Френч можните практични добивки ги надминуваат моралните дилеми: „Нашата цел е добивањето матични клетки со огромен потенцијал за регенеративната медицина. Може на пример да се трансплантира уништено ткиво и тоа така што нема да имаме проблеми со можно отфрлање, бидејќи ткивото носи ист генетски код...„ Френч меѓутоа нагласува дека до практичната примена на овој вид зафати ќе поминат уште многу години.