1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Научниците предупредуваат од колапс на еко-системите

ЖА/афп/дпа/дапд7 јуни 2012

ОН на светската еколошка политика и‘ доделија поразувачка оценка. Само во четири од порано 90 формулирани цели е постигнат поголем успех, се вели во извештајот на ОН.

https://p.dw.com/p/159wt
Фотографија: picture-alliance/dpa

Авторите на „ГЕО-5“ студијата недвосмислено предупредуваат од колапс на еко системите.

„Ова не е обвинување. Мораме да се соочиме со фактите и да се справиме со предизвиците на човештвото“, истакна извршниот директор на Програмата за екологија на ОН, УНЕП, Ахим Штајнер на прес конференција во Рио де Жанеиро.

Нужна е промена на курсот во еколошката политика, а претстојниот самит на ОН и за одржлив развој „Рио+20“ во Бразил е шанса која една генерација само еднаш ја добива.

Студијата на повеќе од 500 страници го критикува забавениот процес на примена на меѓународно договорените еколошки цели. Научниците ги анализирале најважните 90 од 500 цели со меѓународна важност и констатирале напредок само кај четири-во меѓувреме во атмосферата се испуштаат помалку штетни гасови кои ја уништуваат озонската обвивка; морињата се помалку загадени, во горивата има помалку олово и повеќе луѓе имаат пристап до чиста вода за пиење.

Извесни успеси има и кај сечата на шумите. Но, во голем дел од работите состојбата не е подобрена, туку напротив-влошена. Извештајот ги набројува претераното ловење риби, сушите и промената на климата.

„Ако продолжи ваквиот тренд, ако не се обновуваат природните ресурси, владите ќе се соочат со беспримерна димензија на штети и загуби“, вели Штајнер.

Генералниот секретар на ОН Бан Ки Мун во Њујорк соопшти дека за успех на самитот од 20-ти до 22-ри јуни во Рио останува уште многу да се направи. Оние кои ги носат главните одлуки во светот треба самитот „Рио+20“ да го сврстат во своите „лични приоритети“. На конференцијата, која се одржува 20 години по Еколошката конференција во Рио од 1992-ра година, учество ќе земат повеќе од 100 шефови на држави или влади. Американскиот претседател Барак Обама, германската канцеларка Ангела Меркел и британскиот премиер Дејвид Камерон се меѓу учесниците.