1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Најавени нови штрајкови на Франкфуртскиот аеродром

17 февруари 2012

На штрајкот на Франкфуртскиот аеродром не му се гледа крајот - синдикатот на контролорите на летање ГдФ се заканува со проширување на штрајковите наредната недела.

https://p.dw.com/p/144uL
Фотографија: dapd

На Франкфуртскиот аеродром се‘ уште не завршил штрајкот на контролорите на летање, а синдикатот веќе најавува нови штрајкови. Поради, како што тврди синдикатот, „недоволна подготвеност на компромис“ од страна на управата на аеродромот, штрајкот може да продолжи. Сепак, претстојниот викенд се‘ треба да се одвива според предвидениот ред на летање. На тој начин, управата (Фрапорт) треба да добие време да размисли за своите позиции, велат синдикалците. Сите натамошни евентуални штрајкови ќе бидат најавувани 24 часа претходно, соопшти ГдФ.

Портпаролот на Фрапорт Мајк Швајцер бара од синдикатот враќање на масата за преговори. „Ние ставивме јасно до знаење дека сме подготвени за разговори“, вели тој, додавајќи дека практично синдикатот е тој што не е подготвен на компромис.

Frankfurt Flughafen Streik
Фотографија: REUTERS

Според наводи на Фрапорт, до денеска се откажани 280 од предвидените 1.300 летови. Погодени се летовите на кратки и на средни релации. Од тоа профитира железницата, која поради зголемениот број патници ги продолжува возовите со дополнителни вагони.

Синдикатот на контролорите на летање бара драстично зголемување на платите за својата мала, но моќна група вработени. Тоа предизвикува критика кај работодавачите и големите синдикати.

Автор: ЕМФ/ дапд

Редактор: А. Трајковска