1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Најави, но се’ уште не и цврсти ветувања за силите за Либан

16 август 2006

Прекинот на огнот во Либан се одржува, па сега во преден план е дискусијата околу формирањето трупи на ОН

https://p.dw.com/p/AdyV
Сили на ОН веќе има во Либан
Сили на ОН веќе има во ЛибанФотографија: AP

Во светската организација досега немаат официјално ветување од ниедна земја за ставање на располагање војници за таа мисија, но очекуваат тоа да се случи најдоцна утре. На конференцијата кај генералниот секретар Кофи Анан ОН очекуваат повеќе земји да пријават учество во меѓународните сили за Либан. Досега има само индиректна најава за нивна подготвеност да стават на располагање војници, тенкови, хеликоптери и бродови за блискоисточната мисија за обезбедување на мирот.

Стефан Дижарик, портпарол на генералниот секретар Кофи Анан, во Њујорк апелира до сите земји-членки на светската организација брзо да стават војници на располагање: „Сакаме колку што е можно побргу да добиеме цврсти обврски за трупи. Така ќе можеме да понудиме и подобар временски распоред за нивно испраќање. Но, на лице-место немаме вакуум, оти веќе ги имаме силите на УНИФИЛ. Генерал Пелегрини вчера се состана со израелски и либански офицери и за утре планира повторна средба. Работиме врз патролирање во секторот. Но, сакаме колку што е можно побргу да се зголеми УНИФИЛ и затоа ги водиме сиве овие дискусии со земјите - потенцијални учесници во меѓународните трупи“ – рече портпаролот на Кофи Анан.

Во ОН проценуваат дека Франција ќе ја преземе командата со робустната претходница од околу 3500 војници. Потоа, бројот на војници треба најитно да се наголеми на 15 илјади. Тие заеднички со либанската армија треба да го надгледуваат придржувањето кон примирјето меѓу Израел и милицијата на Хезболах.