1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Најбогатите фудбалски клубови во светот

11 август 2005

Фудбалот одамна не е само игра. Најважната споредна работа на светот, како популарно се нарекува се повеќе станува голем бизнис. Спортските успеси на топ клубовите не вредат многу доколку не ги следат стотици милиони евра и обратно.

https://p.dw.com/p/AeOI
Алинајс арената во Минхен
Алинајс арената во МинхенФотографија: AP

Во фудбалот се вртат големи пари. Според проценките на ревизорско консултантската куќа „Дилојт„ вкупниот промет на 20 те најбогати клубови во светот годинава изнесуваат близу 3 милијарди евра. И годинава, осми пат по ред најголем приход остварил англискиот премиерлигаш Манчестер Јунајтед, 259 милиони евра. Веднаш зад него е кралскиот шпански клуб Реал од Мадрид, кој во минатата сезона инкасирал 236, италијанскиот Милан со 222 милиони евра. Големата петорка ја заокружуваат лондонски Челзи, односно Јувентус од Торино.

Германскиот шампион Баерн од Минхен минатата сезона забележал пораст во прометот, кој вкупно изнесува 163 милиони евра.

Најголеми приходи се остваруваат од продажбата на медиумските права. Во овој бизнис владее огромна конкуренција меѓу телевизиските магнати, пред се за купување на правата за пренос на популарните фудбалски првенства. На пример, ТВ станицата Канал Плус за тригодишните права за пренос на француското првенство ќе плати нешто повеќе од 1,8 милијарди евра .

На меѓународната топ 20 листа се наоѓаат исклучиво евопски клубови. Дури осум англиски, пет италијански, по два од Шпанија, Шкотска и Германија и еден од Франција. Најголем скок остварија Челзи и Барселона, од 10 на 4, односно од 13 на 7 место. Најголем пад е забележан кај германските тимови. Баерн сега е девети, беше на 5 место. Шалке од 14 падна на 17 место. Борусија Дортмунд по минатогодишното 12, годинава ја нема во првите дваесет.

Токму Борусија Дортмунд, која некогаш го имаше прекарот „ милионери„ е пример како еден клуб за многу краток период може да осиромаши. По освојувањето на лигата на шампиони, во втората половина од деведесетите години од минатиот век, раководството на тимот во желба за поголем профит вложуваше големи пари во скупи фудбалери и доградба на стадионот. Но се покажа дека таквиот рецепт функционира само додека е присутен спортскиот успех. По последната триумф во Бундеслигата, пред три години, започнаа да се редат неуспесите. Колку е горка пилулата од неуспехор во квалификациите во Лигата на Шампионите, како на спортски, така и на бизнис планот, потврдува изјавата на тѕогашниот менаџер на клубот Михаел Маер:

„ Висината на нашите приходи во оваа сезона ќе зависат од колку далеку ќе стигнеме во купот на УЕФА. Секако тие ќе бидат помали за разлика на пример од натпреварите во Лигата на Шампионите„

И фудбалерите знаат дека неучеството во натпреварите од лигата на шампиони е лош предзнак за иднината на тимот. Себастијан Кел, играч од одбраната, по неуспехот пред две години изјави:

„ Разочарувањето е огромно. Тоа беше многу, многу важен натпревар не само за играчите туку и за тимот. Не знам како ќе одат работите натаму„

Борусија, по ова западна во криза. Мораше да се задолжи и се до пред неколку месеци беше ставено под знак прашање, дали тимот воопшто ќе преживее.

Голем дел од тимовите се ориентираат на новите воневеропски пазари. Овој пазар станува се позначаен за тимови, како што се Манчестер Јунајтед или Реал Мадрид. Јавна тајна е дека една од причините заради која кралскиот клуб го купи Дејвид Бекам од Манечестер Јунајтед, покрак секако одличните квалитети, е и приходите од продажбата на сувенири. Досега се покажа дека таа стратегија се исплатеше. Креативноста на менаџерите ја докажува широката палета производи и услуги, кои им се нудат на симпатизерите. Посебно се интересни пазарите во Азија, тоа го сфати и германскиот шампион Баерн од Минхен. Пазарите на иднината.