1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Најбрзиот не може да ги чека побавните

26 март 2010

Германскиот министер за економија Рајнер Бридерле го поттикнува извозот и покрај критиките. Француската министерка за финансии Кристине Лагарде ја укори Германија дека со силниот извоз им наштетува на соседите.

https://p.dw.com/p/Mbsy
Извозот останува германски економски приоритетФотографија: Fotomontage/DW

Со својата надворешно-економска офанзива, Бридерле сака малите и средни претпријатија да добијат повеќе зделки од странство. Тоа значи дека на патувањата во странство ќе биде придружуван од претприемачите од средни по големина фирми.

Бридерле на своите патувања ќе земе со себе пред се' претставници на фирмите од еколошката технологија и технологијата за климатизација. Во април најпрво Бридерле ќе патува онаму каде што пред него беше министерот за надворешни работи, Гидо Вестервеле - Бразил. Таму ќе ја промовира втората точка од својата извозна офанзива: трговијата со новите индустриски земји.

„Сега во фокусот е Бразил, таму во 2014 година ќе се одржи Светското фудбалско првенство, а во 2016 година Олимписките игри. Поради овие спортски манифестации, таму ќе се отварат интересни пазари, како на пример во врска со безбедносните технологии. И веднаш да се расчисти можното недоразбирање: не се работи за извоз на оружје, туку за безбедносни уреди и слични услуги, заради непречено одвивање на спортските манифестации.“

Критика во Франција

Напорите на Бридерле за доминантен германски извоз наидуваат на критика од Европа. Пред се' Франција и' замерува на Германија развој на сметка на земјите од евро-зоната. Бридерле ја отфрла критиката и инсистира на слободна конкуренција.

Deutschland Kabinett Rainer Brüderle FDP Wirtschaftsminister
Рајнер БридерлеФотографија: AP

„Некои забелешки на нашите француски соседи и пријатели ме потсетуваат на лесната атлетика. Ако некој победува на трка од 100 метри, некој кој е трет или четврт вели: Заради еднаквост во шансите, најбрзиот тркач мора да стави олово во своите чевли. “

Заедничко јакнење наместо слабеење во Европа

Критиката од Франција дојде кратко пред француските локални избори. Затоа Бридерле остриот тон на неговата колешка Лагарде го сфати како предизборна парола.

„Наместо во Европа да ги ослабнуваме нашите јаки страни и сите да станеме еднакво слаби, треба да се стремиме кон тоа сите да станеме подеднакво силни, да им овозможиме на другите да не' стигнат.“

Најголемиот дел од германскиот извозен профит, како и порано, доаѓа од машинското инженерство. Бидејќи странските зделки во Европа се намалуваат, Бридерле сака да ги поддржи исто така воздушната и воената индустрија. Заради тоа бара поедноставување на светските царински постапки. Светската трговска организација треба да ги отвори пазарите и да се бори против протекционизмот.

Автор: Самуел Јакиш/ Ана Стојиловска

Редактор: Жана Ацеска