1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Најважните функции - во сигурни раце

Коментар на Даниел Шешкевиц2 декември 2008

Барак Обама го претстави својот тим. Хилари Клинтон, Роберт Гејтс, Џејмс Џоунс се оптимален избор во надворешната и безбедносната политика на САД.

https://p.dw.com/p/G7Yf
Во Белата куќа Обама влегува со силен тим зад себе: Клинтон и ЏоунсФотографија: AP

Одбраната на прво место, вака гласи познатата поговорка. Од неа се чини сакал да се раководи и идниот американски претседател Барак Обама. Неговите кандидати за функциите надворешна политика и одбрана, како и советник за национална безбедност, укажуваат на мудра, и на компетентност заснована безбедносна политика.

Хилари Клинтон има искуство на политичкиот паркет

Поубедлив кандидат за министерското место за надворешни работи од Хилари Клинтон, Обама не ќе можеше да најде. Сенаторката од Њујорк стекна доволно искуство на меѓународниот политички паркет како прва дама, а компетентноста можеше да ја надогради и во последните години во Комисијата за одбрана на американскиот Сенат. Ирачкиот конфликт, спорот со иранската атомска програма и заканите од меѓународниот тероризам, предизвиците во следните години се веќе познати теми за неа. Но, втората по важност функција во Вашингтон Хилари Клинтон ќе ја врши во насока која ја сака Обама: сојузниците Америка повторно да ја сваќаат како партнер, а не како другар по оружје.

Нејзината номинација со тоа го прекинува ривалството од предизборната кампања, што од своја страна пак зборува за сувереноста на идниот претседател. Интересно е што Хилари Клинтон беше поддржувач на ирачката војна, исто како и Роберт Гејтс, сегашниот министер за одбрана.

Fernschreiber Autorenfoto, Daniel Scheschkewitz
Даниел Шешкевиц

Постабилни односи во Ирак

Роберт Гејтс, кој е ценет на двете страни на политичкиот спектар, ја презеде должноста од Доналд Рамсфелд пред две години. Оттогаш тој со соодветна стратегија се грижи за постабилни односи во Ирак. Гејтс е човек кој се залага за регулирано повлекување. Се чини дека во меѓувреме и Обама е за тоа. Се‘ друго би можело лесно да се развие во безбедносно – политичко фијаско, кое Ирак брзо би го претворило во нов терен за мрежата на Ал Каида.

Поранешниот командант во НАТО Џејмс Џоунс е исто така стар познаник. Тој спаѓа во најострите критичари на американското воено раководство за време на американскиот претседател Џорџ Буш во Авганистан. Како советник за национална безбедност тој располага со доволно воена компетентност за да спознае дека конфликтот таму не може да се реши со чисто воени средства.

Обама со номинацијата на оваа тројка си остава простор слободно да се посвети на итните внатрешнополитички проблеми на Америка. Финансиската криза, почетната рецесија и новиот почеток во еколошката политика бараат вештина. Добро е што надворешната и безбедносната политика се наоѓаат во сигурни раце. Така погледнато, девизата да се оди на сигурно, е умно одбрана.