1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Највисок степен на тревога од терористичка закана во Тулуз

Жана Ацеска/афп/дпа/дв20 март 2012

Францускиот претседател Саркози, по убиството на три деца и еден наставник, во Тулуз прогласи највисок степен на готовност поради терористичка закана во регионот. Нападот е веројатно расистички мотивиран.

https://p.dw.com/p/14Ng4
Фотографија: AP

За регионот Јужни Пиринеи и повеќе гранични департменти се воведени посебни мерки на безбедност, соопшти францускиот претседател Никола Саркози. Тој за денеска најави средба со претставници на еврејската и муслиманската заедница за да се покаже дека „целата Република е на нивна страна“ и дека „секој може да ја практикува својата вера и да живее различно од другите“.

Нападот врз еврејското училиште извршен вчера во Тулуз според Саркози е дело на истиот злосторник кој минатата недела уби тројца француски војници со мигрантско потекло.

Frankreich Anschlag Schule Toulouse Sarkozy
Никола Саркози во ТулузФотографија: AP

„Знаеме дека војниците, децата и наставникот биле убиени од истата личност и со истото оружје“, изјави францускиот претседател во телевизиско обраќање. Мотивот на напаѓачот очигледно бил расистички.

„Ова дело е страшно и не смее да остане неказнето. Ќе биде преземено се‘ за виновникот да добие заслужена казна“, потенцираше Саркози.

Непознатиот напаѓач вчера утрото околу осум часот отворил оган во еврејското училиште во Тулуз и според полицијата испукал 15 куршуми, по што побегнал од местото со моторцикл Јамаха, како што тврдат очевидци. Две од убиените деца се синови на исто така настраданиот наставник по религија и биле на возраст од четири и пет години. Четвртата жртва, ќерка на директорот на училиштето, имала десет години.

Frankreich Anschlag Schule Toulouse
Истрагата претпоставува дека извршителот на убиствата е расистички настроенФотографија: AP

Истрагата претпоставува дека извршителот на убиствата е расистички настроен припадник на војската или барем поранешен војник. Тројцата убиени француски војници минатата недела биле со африканско потекло, а четвртиот, кој беше тешко ранет, е исто така со темна боја на кожата.

Синоќа францускиот претседател Никола Саркози и неговиот ривал во претседателските избори, Франсоа Оланд, како и бројни политичари, присуствуваа на богослужба во синагогата Назарет во Париз. Во францускиот главен град повеќе илјади луѓе учествуваа на мирниот марш во знак на протест против убиството во Тулуз. Денеска во цела Франција со минута молчење во училиштата ќе им биде оддадена почит на загинатите во Тулуз.