1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Најдобри сме, најдобри...

10 мај 2010

Последното коло од Бундеслигата го потврди уште еднаш првакот во 47. сезона. Бајерн Минхен со победата од 3 спрема 1 нагости кај Херта Берлин, покажа дека го заслужил 22. трофеј на германски првак.

https://p.dw.com/p/NKF2
Радоста на фудбалерите на Бајерн немаше крајФотографија: AP

Повеќе десетици илјади фанови вчера попладне во Минхен им приредија величествен дочек на тренерот Луис ван Гал и неговите избраници: „Ние сме најдобри во Германија и можеби во цела Европа...“

Претходно, по победата во Берлин, Ван Гал манифестираше гордост поради постигнатото:

„Секако дека е ова прекрасно. Притоа, мислам и на начинот како го постигнавме тоа, со атрактивен фудбал, со најдобар напад, најдобра одбрана и секако со најголемиот број бодови. Затоа мислам дека титулата е сосема заслужена и горд сум поради тоа.“

Шалке на второ место

Вице-првакот на Германија, Шалке 04 се протна низ иглени уши во последниот натпревар од сезоната. Само благодорејќи на извонредните одбрани на голманот Мануел Нојер, тимот на Шалке успеа да извлече 0:0 против Мајнц 05. Со ваквото постигнување Нојер се профилира уште повеќе во насока на прв избор за националниот селектор Јоахим Лев, како најдобар голман на репрезентацијата на претстојното Светско првенство во Јужна Африка.

10. Spieltag Bundesliga Flash-Galerie
Голманот на Шалке, Мануел Нојер во акцијаФотографија: AP

Битка за лигата на шампионите

И додека првакот во Бундеслигата се знаеше фактички уште во претпоследното коло, изминатиов викенд се водеше уште огорчена битка за местата во Лигата на шампионите. На крајот, Вердер Бремен го обезбеди третото место во Бундеслигата преку нерешниот исход на натпреварот на домашен терен против тимот на Хамбург од 1:1. Со тоа Хамбург се најде на седмото место на табелата и ги загуби сите шанси за пласман во меѓународните натпревари. Тренерот на Вердер, Томас Шааф, беше среќен по натпреварот, се разбира на неговиот воздржан начин:

„Доколку пред неколку недели некој ни‘ речеше: можете да се натпреварувате само за третото место, тогаш можеби ќе ни‘ се потсмеваа. Но, ние верувавме во тоа, екипата веруваше и затоа заслужува голем комплимент.“

Fußball Bundesliga Werder Bremen 1. FC Köln
Торстен Фрингс, играчот на Вердер БременФотографија: AP

Места во Европската лига

Бајер Леверкузен не успеа да се пласира на посакуваното трето место. По нерешените 1:1 против Борусија Менхенгладбах, играчите на Бајер мора да се задоволат со четвртото место и со пласманот во Европската лига.

Како петта на табелата, на крајот од првенството, се најде Борусија Дортмунд, која со тоа си обезбеди исто така место во меѓународните натпревари. Во тоа ништо не можеше да смени ни поразот од Фрајбург во последното коло од 1:3.

Како шести и последен тим од Бундеслигата, картата за меѓународните натпревари ја обезбеди Штутгарт. Тој одигра нерешено 1:1 со Хофенхајм, во последниот меч на поранешниот голман на германската репрезентација Јенс Леман.

Најдобриот стрелец од Волфсбург

На минатогодишниот првак Волфсбург му појде од рака да ја заврши сезоната на достоинствен начин. Тој го порази Ајнтрахт Франкфурт со 3:1 и со тоа ја заврши сезоната на осмо место. Волсфбург, меѓутоа, успеа и овојпат да го даде најдобриот стрелец на Бундеслигата. Тоа е Босанецот Един Џеко, кој успеа 22 пати да ја застресе мрежата на противниците.

Bundesliga Torschützenkönig Edin Dzeko mit Torjägerkanone
Најдобриот стрелец на сезоната: Един Џеко од ВолфсбургФотографија: picture alliance/dpa

На тимот од Нирнберг и понатаму му се заканува заминување во Втората лига. Тој го порази Келн на домашен терен со 1:0, но со тоа стигна само до 16 место на табелата. Решавачкиот погодок го постигна Андреас Отл, кој по средбата изјави: „Ако погледнеме како целиот регион стои зад нашиот клуб, кој има долга традиција, би било многу тажно доколку не успееме да останеме во Првата лига. Сметам дека во овој тим има голем потенцијал, исто така и целиот клуб, кој едноставно и’ припаѓа на Првата лига!“

Во решавачкото разигрување со Нирнберг се среќава третопласираниот од Втората лига, Аугсбург.

Бохум - голем губитник на последното коло

Големиот губитник на последното коло на Бундеслигата е тимот на Бохум. На домашен терен тој загуби од директниот ривал Хановер и тоа со 3:0, со што за Бохум се отвораат портите на Втората лига, заедно со Херта. Привремениот тренер на Бохум, Дариус Вош, делуваше очајно:

„Само волјата очигледно не е доволна. Мора да се даде се’ од себе, а тоа не го сторивме овој пат. Хановер се појави само два-три пати пред нашиот гол и постигна три гола. Но, таков е фудбалот. И нашите навивачи се обидоа на сите можни начини да не’ поддржат изминатите денови, но ни тоа не помогна. Сакам да им се извинам за она што го покажаа играчите на теренот!“

Автор: Кале Копс / Горан Чутаноски

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска