1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Најзначајниот храм на христијанството

23 април 2011

Црквата на воскресението во Ерусалим е едно од најзначајните свети места на христијанството. Зад ѕидините на црквата се наоѓа Голгота, местото каде бил распнат Исус Христос, а најверојатно и погребан.

https://p.dw.com/p/10xWL
Црквата на воскресението или Базиликата на Светиот гроб во ЕрусалимФотографија: picture-alliance/dpa

Во Црквата на воскресението во Ерусалим миси се држат од рано наутро, раскажува свештеникот од редот на фрањевците Грегор Гајгер:

„На полноќ миса имаат Грците, потоа Ерменците, а католиците држат миса од четири до седум часот наутро.“

Црквата на воскресението или Базиликата на Светиот гроб е најзначајниот храм на христијанството. Сепак свештениците од шесте различни вероисповеди таму ретко се молат заедно, најчесто едни покрај други, а понекогаш и едни против други. За нивната спротивставеност да не прерасне во сериозен конфликт, главниот збор го имаат муслиманите, вели Васише Нусебе:

„Ние сме неутрални помеѓу христијанските групи. Доколку моќта беше во рацете на католиците, тогаш ова ќе беше католичка црква, а доколку беше во рацете на Грците, ова ќе беше православна црква. Ние сме неутрални, секој може да дојде овде и да се моли.“

Црквата на воскресението ја делат шест вероисповеди

Die Grabeskirche in Jerusalem
Во црквата живеат свештеници од шест конфесииФотографија: AP

Отецот Елијас зборува за Статус кво од 1852 година, донесен поради конфликтите помеѓу свештениците од различните вероисповеди:

„Сите мора да ја делат црквата, што е пропишано во Статус кво од османлискиот период. Точно е одредено, кој каде и кога смее да држи процесија, за да не дојде до хаос, кој во кое време смее да слави на Светиот гроб или на ридот Калварија.“

Статус кво содржи речиси 2.000 правила. Кој не се придржува до правилата и временскиот план, може да добие и ќотек. Кога пред неколку години еден грчки свештеник се молеше во Црквата на воскресението во времето одредено за ерменските ортодокси, Ерменците го избркаа со тупаници.

Олтарот на распнувањето

Bildgalerie Heilige Stätten Grabeskirche Jerusalem
Гробот на Исус Христос во Капелата на Светиот гробФотографија: picture-alliance / Bildagentur Huber

Олтарот на распнувањето им припаѓа на грчките ортодокси. Покрај Капелата на Светиот гроб, Олтарот на распнувањето е централното свето место во црквата. Пасторката од Берлин Петра Хелт, која одамна живее во Ерусалим, вели:

„Тоа е местото каде бил забиен крстот во карпите, не се знае точно, но на ова место луѓето веќе речиси 2.000 години се молат токму за тоа. Ова е за нас најсветото место што го имаме.“

Околу малата Капела на Светиот гроб, луѓето чекаат во редица. На влезот стои свештеникот од редот на фрањевците Грегор Гајгер.

„Капелата на Светиот гроб порано била пештера, а со реконструкцијата на црквата во четвртиот век, биле срушени карпите околу пештерата, и денес таа изгледа како мала капела во црквата“, вели Гајгер.

Во капелата одеднаш смеат да влезат од шест до осум лица. Посетителите имаат време за куса молитва, го допираат каменот и потоа е на рад наредната група.

Годинава е особено тесно во Црквата на воскресението, оти велигденските празници на западните и православните цркви овојпат се на ист ден.

Автор: Михаел Холенбах / Јасна Мушиќ Јанчулева