1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Најмалиот етнолошки музеј на светот

3 февруари 2010

Верски реликвии, оружје, народни носии, алатки, монети, камена воденица – ова е само дел од експонатите во постојаната етнолошка поставка на тетовецот Симеон Златев – Моне, во неговата куќа во родното село Џепчиште.

https://p.dw.com/p/Lh5A
Фотографија: DW

Музејот на Симеон Златев постои веќе 24 години. Во збирката има 2.000 експонати, кои Златев ги собира 50 години. Некои се од 20. век, а некои се стари најверојатно и седум илјади години. Илјада и двесте предмети се изложени на простор од само седум квадратни метри. Затоа овој пасиониран етнолог-аматер го има наречено тој простор „Најмалиот етнолошки музеј на светот“.

Das kleinste Ethno-Museum der Welt in Tetovo
Фотографија: DW

Уште во декември 2004 година Златев испрати апликација до британската кралица Елизабета, таа да помогне музејот да биде прогласен од Гинисовата фондација за најмал таков музеј на светот. Моне, кој за себе вели дека е „чувар на аманетите и наследството од минатото“, нема добиено се‘ уште одговор на својата пријава со доказните материјали. Но, од повеќе аспекти би можело да се каже дека тоа е „најмалиот меѓу најголемите“ и „најголемиот меѓу најмалите“ етнолошки музеи, не само во Македонија, туку и во меѓународни рамки.

„Згусната“ презентација за историјата, културата и начинот на живеење

Без оглед дали овој музеј ќе добие таква квалификација од Гинис, тој со години веќе ја исполнува својата, сигурно најважна, улога и мисија. Златев вели: „Јас сакам само да го прикажам нашиот идентитет, нашето богатство. Тоа не допрело не само надвор од Македонија, во другите држави, туку ни меѓу нас. Нашето културно наследство треба да се цени и да се чува, бидејќи тоа е достојно за презентација. Ние не треба да зборуваме кои сме и какви сме: предметите зборуваат за нас.“

Das kleinste Ethno-Museum der Welt in Tetovo
Симеон Златев - МонеФотографија: DW

Магистер Бранислав Светозаревиќ, историчар-архивист од Тетово, е категоричен: „Тој музеј прераснува во институција. Државата ќе треба навистина да обрне внимание токму на оваа збирка, бидејќи таа полека, но сигурно веќе има државно и национално значење. Значи, тоа не е нешто што претставува само хоби. Имаме нешто што ги преминува и границите на Македонија.“

Моне, како собирач на старини, отворено вели дека одделни вредни предмети ги набавувал дословно во последен момент - пред да бидат фрлени во ѓубре. Со тоа, тој најдиректно посочува на големата негрижа на општеството и државата за пребогатото културно-историско наследство на македонскиот народ и на сите етникуми, кои живеат на овие простори.

„Државата не води сериозна грижа“

Професорката Мирјана Мирчевска од Етнолошкиот институт на Природно-математичкиот факултет на Државниот универзитет во Скопје, коментира: „Со исклучок на археолошките локалитети, сето друго што спаѓа во областа на културното наследство има некаква подредена положба. Тешко дека може да се каже оти нашата држава кога било во изминатите 20 години водела некаква сериозна грижа во врска со она што го имаме како материјално културно наследство.“

Мирчевска дополнува: „Уште полошо е што луѓето кои знаат колкава вредност имаат одделни предмети, ги продаваат тие артефакти надвор од нашата земја, па тие завршуваат кај некои од нашите соседи. Тие се и најзаинтересирани за тоа, нели? Тие артефакти, кои се најдени на територијата на денешна Република Македонија, се важни и за нашите соседи. Прашање е сега: како тие ќе ги претстават во рамки на својата национална култура? Што значи, ние губиме, а тие добиваат на некој начин. Пронајдените артефакти стануваат дел од културното богатство на нечија друга држава, на некој друг народ.“

Das kleinste Ethno-Museum der Welt in Tetovo Flash-Galerie
Фотографија: DW

Попознат во странство

Симеон Златев посочува дека негова цел е постојана популаризација на етнолошкото наследство на Македонија: „Во музејот досега минале повеќе од 10 илјади посетители од целиот свет. За него се објавени написи во стотина весници, снимени се десетина документарни филмови од страна на разни телевизиски куќи во земјава, како и од државната телевизија на Хрватска.“

Крсте Богоевски, професор од споменатиот Етнолошки институт и експерт за етномузеологија, заклучува: „На овој начин Моне врши вреднување на нашето културно наследство - преку неговата збирка да се шири она што претставува културно наследство на Македонија. Во случајов, самата бројка на посетители покажува дека тој врши навистина таква мисија, мисија на популаризација.“

Информациите и впечатоците за Моне и неговата етнолошка поставка кружат веќе од поодамна низ светот. Откако го посети лично овој етнолошки музеј во Џепчиште, Сара Дуклас од Калифорнија напиша во книгата за впечатоци: „Убавите нешта доаѓаат во мали пакети“. Нејзиниот сонародник Хенри Мил од Лос Анџелес го остави следниот запис: „Ова е прекрасно место, кое мораат сите да го посетат“.

Автор: Свето Тоевски

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска