1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Најмладите членки слават јубилеј - Бугарија и Романија пет години во ЕУ

1 јануари 2012

Бугарија и Романија се пет години членки на ЕУ. Тие се најмладите членки на заедницата и постојано се соочуваат со прекори од ЕУ заради различни причини. Што може да се стави под билансната линија по пет години членство?

https://p.dw.com/p/13btZ
Фотографија: AP Graphics

Предностите што ги донесе членството во ЕУ на хартија се неспорни - Бугарите и Романците преку ноќ станаа дел од зона на мир, благосостојба, безбедност и стабилност. Пет години по приклучувањето, сепак, во најновите ЕУ-членки владее отрезнување. Унијата очигледно не е гарант за подобар живот. Бугарија е најсиромашната земја во ЕУ и е на последно место по висина на платите, на пензиите, по продуктивноста на работата и енергетската ефикасност. Освен тоа, државата има и лоши оценки во поглед на реформите во правосудството, во делот на управување со субвенциите и борбата против корупцијата, организираниот криминал и трговијата со луѓе. Во Брисел редовно предмет на дебата е и недоволната заштита на децата.

Од приклучувањето во 2007 година, Брисел постојано укажува на дефицити и за тоа дури наидува на согласност во Софија. Антоанета Праматарова, поранешна бугарска амбасадорка во Брисел, смета дека најмногу треба да се стори во правосудниот систем: „Судските постапки против организираниот криминал се влечат по десет и повеќе години. Пред нас имаме уште долг пат.“

Критика од Брисел и Берлин

Многумина Бугари денес се на мислење дека земјата на 1 јануари 2007 година била примена во ЕУ како „членка од втор ред“ и притоа укажуваат на големите пречки при достапноста на европскиот пазар на работна сила за Бугарите. И на воведување на еврото ќе се чека уште долго. Особено непријатно за малата балканска земја беше ставањето рампа од страна на претседателот на ЕК Жозе Мануел Барозо за 220 милиони евра за Бугарија, поради тоа што Софија ги злоупотребила парите од фондовите за развој. Апелот на Барозо гласеше: „Корупцијата во високите кругови на власта и организираниот криминал немаат место во ЕУ и нема да бидат толерирани“.

EU Jose Manuel Barroso zu Bulgarien und Rumänien
Жозе Мануел Барозо: „Корупцијата во високите кругови на власта и организираниот криминал немаат место во ЕУ"Фотографија: AP

Дијагнозата, јасно речено, гласеше: премногу корупција и премалки државен ангажман. Но, цврстиот бриселски став не наиде на одобрување насекаде во Европа. Поранешниот државен секретар во министерството за надворешни работи во Берлин, Гернот Ерлер, нема илузии околу ваквата политика. Блокадата на парите на крајот ќе ги погоди обичните граѓани, кои со тоа ги хранат своите семејства, критикуваше тој. „Тоа е трагедијата на оваа земја“, рече Ерлер.

Парите што ги дава ЕУ си „седат“ неискористени

Разбирањето за новата членка на ЕУ од една страна, е испреплетено со остра критика од друга страна. Во Европскиот парламент до денес има пратеници кои ги оценуваат Бугарија и Романија како недоволно зрели за ЕУ. Притоа, Брисел за приклучувањето на осумте милиони Бугари и 22-та милиони Романци првпат утврди специјални правила на хартија, со договор. Двете земји до денес се контролирани од Европската комисија, која оценува дали двете земји се држат до европските стандарди. Но, критичните извештаи од Брисел одвај дека имаат некакви видливи последици за локалните политичари. И казнените мерки со кои е соочена земјата, како запирање на парите од ЕУ, досега ја промашија целта. Романија, на пример, не е во состојба да ги повлече 19-те милијарди евра помош од ЕУ кои и‘ стојат на располагање.

Тоа сигурно не е вина на ЕУ, оценува поранешниот романски премиер Адриан Настасе. Во неговиот мандат беа успешно завршени преговорите за приклучување кон ЕУ. Според Настасе, биле потребни „особени напори“ за неговата земја да се извлече од „тампон зоната меѓу ЕУ и Русија“. „Романија“, вели тој, „се ангажираше да стане членка на ЕУ од стратешки причини повеќе отколку што тоа можеби ЕУ си го посакуваше.“

Hauptverkehrsstraße in Bukarest
Тешко е да се предвиди кога Романија на сите полиња ќе ги достигне европските стандарди - БукурештФотографија: DW

Нема Европа без Југоисточна Европа

Најголемиот дел романски политичари се убедени дека европски проект без државите на ЈИЕ би бил нецелосен. Кристијан Преда, европратеник од конзервативната либерално-деморкатска владејачка партија во Романија, вели дека за него ЕУ, чиј дел се многу екс-комунистички земји, е незамислива без Романија и Бугарија. Преда при давањето на оценка на состојбите, ја нагласува разликата во просечните животни услови во Романија и ЕУ. Дали оваа дискрепанца е резултат на менталитетот или на недоволна политичка волја? Според европратеникот, политиката и развојот во едно општество се тесно испреплетени. „Затоа, тешко е да се предвиди кога Романија на сите полиња ќе ги достигне европските стандарди.“

Автори: Емилијан Лилов / Кристијан Стефанеску / Елизабета М. Фиданоска

Редактор: Жана Ацеска