1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Најроби меѓу сламови и облакодери

6 ноември 2006

Од вчера главниот град на Кенија, Најроби е домаќин на конференцијата на Обедиентите нации посветена на климата. Преку 6 илјади учесници од целиот свет, научници, претставници на невладини организации и политичари што работат врз екологијата две недели ќе разговараат за натамошните мерки во битката против затоплувањето на Земјата.

https://p.dw.com/p/Adw3
Зад фасадите на центарот на Најроби владее огромна сиромаштија
Зад фасадите на центарот на Најроби владее огромна сиромаштијаФотографија: DW

Низ авенијата „Кенијата„ во центарот на Најроби се одвива густ сообраќај по осум ленти. Банкари и просјаци го исполнуваат центарот, трговци во од на туристите им продаваат сувенири.

Пред околу 100 години овде се уште се „шетаа„ лавови и слонови низ прашумата и саваната. Тогаш Најроби го викаа „Енкаре Најроби„ или „Место на студена вода„. Имаше само еден шаторски камп за изградба на железничката пруга што требаше да ги поврзе Индискиот Океан и езерото Викторија. Денес тука живеат три милиони луѓе зад високите фасади во многу квартови и во бедни домови. Најроби е стопански центар на источна Африка, седиште на странски фирми и меѓународни организации. Пред сите Обединетите нации чија еколошка програма УНЕП од 1972 година е сместена тука.

Само неколку километри подалеку се наоѓа Кибера, најголемиот слам на Источна Африка. Таму каде што течната клоака минува меѓу ридиштата ѓубре, каде што смрди на гнилеж, таму живее Питер Рој. На колибата скрпена од тенекија и пластика, виси табла со натпис „кујунџија„. Кујна, дневна, спална и работилница на простор од два на три метри во која одвај можат да застанат двајца. Во добар месец Питер за седумчленото семејство може да заработи и до 50 евра:

„Од тоа пет евра за кирија за колибата без струја и вода. За мене, сопругата и децата - одвај стигнува за храна„.

Контрастите меѓу сиромаштијата и богатството секојдневно стануваат се поизразени. „Грин сити ин д сан„, зелен град под сонце, како што одамна го вика народот. Најроби е еден од најопасните градови во светот. Овде 8 години живееше поранешниот директор на УНЕП, Клаус Тепфер:

„Се уште има зеленило, но веќе не може да се каже дека градот може да ја носи таа етикета. Стана непријатен град, град на мускули. Град кој повеќе сигнализира конфронтации, отколку заеднички живот. На сите страни има електрични огради, се повеќе прозорци со решетки„.

Минувачите ги застрелуваат на отворена улица за само 10 евра, провалите не ретко завршуваат со силувања и убиства. Неопходно оружје, бандите го снабдуваат од слабо платените полицајци. И кениската добитничка на Нобеловата награда за мир Вангари Матаи, се жали за слаб квалитет на живеењето:

„Посакувам Најроби да биде град во кој ќе може да се шета. По улиците или парковите, едноставно човек да може да шета„.

Меѓутоа, Најроби има еден адут со кој малку кој град во светот може да се пофали. Огромен национален парк во рамките на градските граници, со единствена флора и фауна. Но, и тука движењето е можно само со автомобил. Пешаците можат лесно да станат жртви на носорозите, биковите или лавовите.