1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Најстарото кино слави 100-ти роденден!

31 август 2009

Можеби денес Лос Анџелес е главниот град на филмската индустрија, но првото кино започнало да работи во Полска, далеку од ридовите на Холивуд. Ова историско кино оваа година полни 100 години.

https://p.dw.com/p/JKe5
Киното „Хелиос“Фотографија: Jerzy Miskiewicz

Кога првите снимки беа проектирани на екранот во киното-пионер наречено „Хелиос“, влезниците чинеа само два гроша и со Германија владееше император. Она што денес е полскиот град Счечин на балтичкото крајбрежје, тогаш беше германскиот град Штетин, кој се наоѓа на еден час возење североисточно од Берлин.

Можеби сега Холивуд е главниот филмски град на светот, но токму во Счечин беше прикажан првиот филм во 1909 година. Сопственикот Јежи Мискиевич вели дека не знаел за важноста на киното, се‘ додека не било затворено поради реновирање: „Отидов во градските архиви и таму најдов добро зачувани документи за киното. И открив дека тоа постои уште од 1909 година. Не постои постаро кино во светот."

Од разнишана зграда до пријатно место за среќавање пријатели

Кога Мискиевич го презел киното во 1999 година, тоа се наоѓало во разнишана зграда со дузина расклатени дрвени столици и едно ќумбе. За ова место да се трансформира во пријатно, атрактивно место за среќавање пријатели, биле потребни три години.

Kino Pionier in Stettin Szczecin Polen
Најстарото кино на светот и денес е атрактивно местоФотографија: Jerzy Miskiewicz

Јежи Мискиевич особено е горд на втората сала, наречена „Кинарниа“ - игра на зборови од кино и киварниа, што на полски значи кафуле. Тоа е еден мал, темен, зачаден салон, со мал бар и мали округли маси. Во средината има проектор, а до екранот стои старо пијано во кафена боја, кое служи за музичко придружување на немите филмови: „ Проекторот работи гласно, исто како во старите времиња“, вели Томас Војчешек, вработен во киното: „На повеќето луѓе тоа им се допаѓа, бидејќи создава атмосфера како во старо кино“.

Оригиналите загубени засекогаш

Kino Pionier in Stettin Szczecin Polen
Малата сала „Кинарниа“Фотографија: Jerzy Miskiewicz

Киното работи и денес, но многу од овие оригинални филмови се изгубени засекогаш. Мискиевич ги барал по архивите во Полска, но без резултат: „Филмовите не беа обележани, па не знаеме кои биле режисери и продуценти. Единствено го имаме насловот.“

Прославата за 100-годишниот роденден на првото кино е планирана за подоцна, но нема да биде можно киното повторно да го добие оригиналното име Хелиос, бидејќи соседното модерно кино веќе го користи. Сепак, Мискиевич вели оти не верува дека модерното кино кое прикажува повеќе филмови истовремено, ќе постои долго.

Автор: Кристоф Рихтер / Ана Алибегова