1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Најтежок напад од падот на Садам

15 август 2007

Во северниот дел на Ирак, кај градот Мосул, во 5 координирани експлозии, досега загинаа 220 лица, други 400 се повредени. Жртвите се припадници на јасидската верска група.

https://p.dw.com/p/BUjf
На сите страни жртви и урнатиниФотографија: AP

„Се’ наликуваше како по атомски напад„. Со овие зборови еден ирачки офицер ја опиша сликата кога се појавија спасувачките екипи во двете места на нападот кај местото Синјар. Околните куќи, главно градени од плитар, паднаа како да се од карти. Градоначалникот на местото изјави дека ќе потрае подолго додека се дознае точниот вброј на жртвите, зашто под урнатините има уште голем број луѓе.

Во координирана акција, самубијците атентатори синоќа детонираа најмалку четири камиони. Цел на нападот беа две места во кои исклучиво живеат Јасиди. Се уште не е јасно кој го изврши нападот. Јасидите се малцинство во Ирак кои главнио живеат кај Мосул и зборуваат курдски. Нивната религија потекнува од предисламското време, значи не станува збор за Муслимани. Според сфаќањето на фундаменталистичките Сунити, Јасидите му се молат на ѓаволот и се неверници, со што автоматски се легитимна цел за радикалите од Ал Каеда.

Можно е се’ да е поврзано со еден инцидент од минатата пролет: тогаш преку интернет се појави видео на една 17-годишна јасидска девојка што ја каменува банда јасидски мажи. Наводно таа се вљубила во сунитиски Арап и поради тоа морала да плати со животот. Непосредно потоа, уследи одмазда: непознати извлекле 23 Јасиди од автобус ги одвлекле и ги стрелале.

Факт е дека Јасидите се лесна цел. Во нивниот регион нема посебно присуство на војска што би можела да ги штити. За атентаторите мора да било лесно да дејствуваат во тој регион.

Откако американската армија располага со дополнителни 30 илјади војници во Ирак, безбедносната ситуација се подобри, на пример во провинцијата Анбар. Меѓутоа, под таквиот притисок, екстремистите едноставно бегаат во други региони. По еден месец, главниот командант на мултинационалните сили во Ирак, мора да му поднесе извештај за актуеланата ситуација на американскиот Конгрес. Се чини, екстремистите имаат намера да покажат дека на Американците и натаму не им успева да направат значителен напредок.