1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Најтешката мисија на инспекторите за хемиско оружје

Маркус Литике/ Жана Ацеска15 октомври 2013

Организацијата за забрана на хемиско оружје, која ја доби Нобеловата награда за мир, нема време за славење. Таа во Сирија се наоѓа пред најтешката задача во својата историја, а времето за акција е екстремно кратко.

https://p.dw.com/p/19zVJ
Фотографија: Reuters

Задачата која ја презедоа работниците на Организацијата за забрана на хемиско оружје во Сирија е исклучително опасна. Само неколку километри подалеку од хотелот во Дамаск во кој се сместени, војската на сирискиот властродржец Башар ал-Асад и бунтовниците секојдневно водат меѓусебни вооружени битки. Среде оваа граѓанска војна, во која беа убиени веќе над 100 илјади луѓе, експертите на ОПЦВ треба да го уништат хемиското оружје.

Откако земјата, под меѓународниот притисок, на 14. септември достави барање за пристап кон Меѓународната конвенција за хемиско оружје, ОН ја подготвија мисијата заедно со ОПЦВ. Соработката со Сирија засега тече многу конструктивно, изјави директорот на ОПЦВ, Ахмет Узумчу на прес-конференција во Ден Хаг: „Сириските власти се кооперативни“.

OPCW Direktor Ahmet Üzümcü 09.10.2013
Директорот на ОПЦВ, Ахмет УзумчуФотографија: Reuters

Првата група на соработници на ОПЦВ во Сирија стигна на почетокот на октомври. Вкупно треба да биде ангажиран 100-член тим. Дел од хемиското оружје веќе е уништено, меѓу другото ракетни боеви глави, како и авионски бомби. Соработниците на ОПЦВ само ја надгледуваат работата на уништување, што ја вршат сириски војници. Временската рамка е тесна, до 1 ноември, според ОН, треба да бидат уништени сите погони за полнење и мешање на хемиското оружје.

Неутрализирање на опасните материи

Првите чекори беа релативно брзи и едноставни за спроведување, објаснува експертот за хемиско оружје и поранешен соработник на ОПЦВ, Ралф Трап во разговор за Дојче веле:

„Тоа се само механички процеси, треба да се избушуваат дупки, да се сечат цевки, да се полни бетон во мешалките“.

Овој процес е сепак целосно решавачки, зашто нервните отрови како Сарин се употребуваат на таков начин што отровот всушност се создава дури при експлозија на гранати. Основните состојки со кои се полнат експлозивните направи , се релативно безопасни. Кога ќе се уништат значи постројките за полнењеи мешање, овие оружја се веќе неприменливи.

Russland Zweite Fabrik zur Vernichtung von Chemiewaffen in Betrieb Kambarka
Постројка за уништување хемиско оружје во РусијаФотографија: picture-alliance/dpa

Голем дел од, според проценките, илјада тони хемиски боеви состојки во Сирија се присутни во ваква форма. Но, боевото оружје кое е веќе наполнето со хемикалии, може да биде уништено само во специјални печки за согорување, процес кој е поспор и покомплициран.

Согорување во специјални печки

Фирмата Дунасеиф е една од ретките специјализирани за уништување вакви борбени средства. Меѓународната фирма со германски менаџмент има развиено постројки во кои се согоруваат комплетно веќе наполнетите со хемиски отров оружја на висока температура во голем резервоар, од кој не пробиваат гасовите.

„На крајот останува дел кој е толку изгорен при високата температура, што може да оди во рециклажа. Исто така и штетните гасови се толку прочистени, што не ги надминуваат дозволените гранични вредности“, објаснува менаџерот Холгер Вајгел.

Дали фирмата ќе биде ангажирана и во Сирија, не е утврдено. Засега нема стигнато налог, вели Волфганг Гедел, раководител во фирмата.

Ризичен транспорт

Најголем проблем при уништувањето на хемиското оружје во Сирија е безбедносната ситуација. Според досегашните сознанија, сите производни погони и складишта се‘уште се под контрола на сириската армија. Но,транспортот на боевите материи од различни места за да бидат уништени на едно централно место, се чини премногу ризичен.

Ralf Trapp
Ралф ТрапФотографија: Privat

Експертот за хемиско оружје Ралф Трап затоа смета дека мисијата на соработниците на ОПЦВ е екстремно тешка:

„Се разбира, само сириската влада како држава може да биде обврзана на соработка, додека кај опозицијата се потребни апелирања и барања за да го поддржи процесот на уништување на хемиското оружје“.