1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

На гости кај Лудвиг

7 септември 2009

Бон деновиве е домаќин на најголемиот фестивал во светот посветен на Лудвиг ван Бетовен. Но малкумина знаат дека тука во Бон се наоѓа и родната куќа на големиот композитор, која може да ја посети секој.

https://p.dw.com/p/JR3P
Родната куќа на Лудвиг ван Бетовен во БонФотографија: dpa

На прв поглед изгледа навистина невпачетливо. Да нема постојано групи луѓе пред неа, никој не би можел да каже дека тоа е родната куќа на Бетовен. Тоа е една од ретките куќи зачувани во Бон од 18 век. Во малата просторија на поткровјето, во декември 1770 година, се родил Лудвиг ван Бетовен, раскажува раководителот на музејот, Михаел Ладенбургер: „Сега стоиме пред последното пијано кое го поседувал Бетовен. Тој го добил една година пред смртта од, тогаш најдобриот, изработувач на пијана во Виена, Конрад Граф. Тој инструмент се наоѓа во оваа куќа од 1889 година.“

Сите гости во Бон сакаат да ја видат куќата на Бетовен

Beethovenhaus Bonn Flash-Galerie
Пијаното што Бетовен го добил од виенскиот мајстор Конрад ГрафФотографија: Klaus Weidner / dpa

Со оглед дека градот Бон не бил заинтересиран за купување на оваа куќа, во 1889 година било формирано здружението „Куќата на Бетовен“ со цел - да ја купи куќата и да ја зачува како спомен-место. Денес, луѓе од целиот свет го посетуваат Бон за да ја видат автентичната збирка на еден од најпознатите композитори во историјата на музиката: „Ми дојдоа гости од Грузија и нормално сите сакаат да ја видат куќата на Бетовен. Тоа беше прво нешто што направија откако дојдоа во Бон“, вели еден посетител на музејот.

Главните делови на куќата кои датираат од втората половина на 18 век се зачувани. За да се добијат големи музејски простори, основата на предниот дел на куќата била изменета. Музејот бил отворен на 10 мај 1893 година.

Најголема збирка во светот

Иако посетителите на музејот не се запознати со животот на Бетовен, сепак ги знаат најважните работи: „Знам дека бил композитор. Неговата деветта симфонија е многу позната. Мајка ми дома има една грамофонска плоча од него.“

Beethoven in Bildern Bonn Flash-Galerie
Портрет на 13-годишниот Бетовен што може да се види во неговата родна куќа во Бон

Ракописи, слики, музички инструменти и други предмети кои се изложени во музејот се сржта на оваа трајна поставка. Уште во првите години по основањето, здружението успеало да го купи Бетовеновото пијано како и „Шестата синфонија“ и „Сонатата број 14“, наречена „Месечева соната“. Оваа збирка денес е најголема во светот.

Ладенбургер вели дека неговото здружение е единственото кое системски ги собира делата на Бетовен. „Собирањето има смисла само тогаш кога тие работи можат и соодветно дa се чуваат и изложуваат. Не сакаме да набавиме ништо што потоа, како приватните колекционери, би го ставиле во банкарски трезор, туку сакаме се’ да споделиме со јавноста.“

Автор: Петер Колаковски/ Симе Недевски

Редактор: Александра Трајковска