1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

На Еврогрупата и’ се потребни силни нерви

Ралф Бозен/ Александра Трајковска 14 мај 2012

Таа е европскиот бастион против финансиската криза: Еврогрупата, меѓу другото, е чувар и на Пактот за стабилност. Меѓутоа, спасот на еврото е макотрпен зафат. Згора на се’, претстои и смена на кормилото на групата.

https://p.dw.com/p/14uxO
Фотографија: Reuters

Тукушто помина уште една долга кризна седница за еврото. Жан Клод Јункер изгледа уморно, но тоа не го спречува да одговори на прашањата на новинарите. Тоа е сликата која со години ја остава шефот на еврогрупата, наречен уште и „Мистер евро“. Луксембуршкиот премиер од 2005 година го предводи ова влијателно тело. Досега трипати беше реизбран на функцијата, но сега Јункер сака да се повлече.

По речиси осум години служба, по крајот на јуни, кога истекува неговиот мандат, нема да стои повеќе на располагање за оваа функција, како што самиот најави на самитот на ЕУ во март годинава во Брисел. На седницата на Еврогрупата денеска (14.05) во Брисел ќе се расправа и за наследникот на Јункер, поточно за пакет персонални решенија кој го договорија шефовите на држави или влади на ЕУ. Имено треба да се распределат четири функции: шеф на идниот европски кризен фонд ЕСМ, смена во директориумот на Европската централна банка, како и на претседателската функција во ЕБРД во Лондон и шефовското место за 17 министри за финансии на државите на еврото.

Euro-Gruppen-Präsident Jean-Claude Juncker warnt vor Übergreifen der Euro-Krise
Жан Клод ЈункерФотографија: picture-alliance/dpa

Оптоварување за нервите и здравјето

Јункер веќе извесен период се сметаше дека е уморен од функцијата. Како шеф на еврогрупата мораше постојано да совладува кризни ситуации и на јавноста да и‘ ги појаснува лошите вести околу еврокризата. Тоа ги троши нервите и здравјето. Згора на се‘, постојано е во опасност да потпадне во мелниците на различни интереси. Притоа, Јункер не е тип кој по секоја цена ги заобиколкува дипломатските препреки.

Самоуверениот луксембуршки премиер не стравуваше од конфликт ниту со Германија и Франција. Тој ги критикуваше меѓусебните спогодби на двете најважни земји на еврозоната со емоционални реченици како: „Зошто се мисли дека е доволно да се спогодат Германија и Франција? Ние соработуваме со 17 влади, со 17 држави, со 17 земји и 17 парламенти. Не постои само во Германија и во Берлин парламент. Него го има и на друго место“. Оттогаш значително е заладено пријателството со во меѓувреме екс францускиот претседател Саркози и канцеларката Меркел.

Euro in der Krise
Фотографија: dapd

Всушност, функцијата шеф на Еврогрупата е како создадена за ангажирани европски политичари. Во ова тело се вкрстуваат многу конци. Тука се координира даночната и економската политика на еврозоната. Групата се грижи и за тоа да функционира европската економска и монетарна унија. Освен оваа, таа ја конотрлира и буџетската политика и јавните финансии на земјите на еврото.

Поголемо влијание преку финансиската криза

Членови на групата се министрите за финансии на 17 држави на еврото, комесарот за економија и монетарна политика на Европската комисија, претседателот на Европската централна банка, како и високи по ранг службеници на ЕУ. Претседателот ги утврдува темите, кои ќе бидат разгледувани на месечните средби. Официјално, Еврогрупата е форум за дијалог и политичко усогласување без конкретни овластувања за носење на одлуки. Правно одлучувачки одлуки донесува Советот на министрите за финансии на сите 27 земји членки на ЕУ (ЕКОФИН), кој секогаш заседава еден ден по средбата на Еврогрупата.

Во текот на финансиската криза Еврогрупата стекна многу поголемо влијание, вели Даниела Шварцер од фондацијата Наука и политика во Берлин. Иако формалните одлуки ги носи ЕКОФИН „политичката супстанца се дискутира во Еврогрупата“. Гунтрам Волф од бриселската тинк-тенк „Бругел“ смета дека Еврогрупата се разви во најважното тело на ЕУ, покрај средбата на шефови на држави или влади. „Во принцип, Еврогрупата, токму во споредба со Советот на ЕКОФИН, доби на тежина, бидејќи таму интензивно се дискутираат многу теми кои се однесуваат на еврозоната, а потоа во Советот на ЕКОФИН помалку или повеќе само се одобруваат“.

Griechenland EU Flaggen bei Akropolis Symbolbild Finanzkrise Gipfel
Фотографија: dapd

Еврогрупата го определува тактот во еврозоната

Во должничката криза се покажа колку е важна Еврогрупата, бидејќи во овој случај се навигираше на непознат терен. Тоа значи, кога кризата вистински се одрази, мораа да се бараат нови решенија, да се изодат нови патишта. „Тогаш се покажа дека ова мало тело од доверба има сила да формира консензус“, вели Даниела Шварцер. На пример, првиот спасувачки пакет за Грција и нешто подоцна одлуката за првиот европски спасувачки механизам, во голема мера беа разгледани и подготвени во рамките на Еврогрупата.

Еврогрупата, како тело кое го определува тактот во еврозоната и натаму ќе добива на значење, сметаат експерите Даниела Шварцер и Гунтрам Волф. За во иднина неопходна ќе биде подготвеност за компромис. Имено во оваа група се судираа различни економски ставови и политички култури, затоа „не може да се прифати дека министрите за економија и за финансии на 17-те држави одеднаш ќе бидат на исто мислење“, вели Шварцер. Силата на Еврогрупата е токму во тоа што е тело од одверба. „И тоа што во ова тело се работи на конфликтите и може да се одмерат компромисите“.