1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

На Европскиот суд за човекови права му се потребни реформи

Дафне Гратвол / Елизабета Милошевска Фиданоска1 ноември 2012

Дин Шпилман на 1 ноември го презема претседателското место во Европскиот суд за човекови права. Тој мора да форсира реформи во судот кој привлекува големо внимание - на негодување на погодените држави.

https://p.dw.com/p/16ZNk
Фотографија: picture-alliance/dpa

Дин Шпилман е фокусиран на својата работа, а не на себепрезентирање. Пред да ја преземе функцијата Претседател на Европскиот суд за човекови права не дава интервјуа. Во неговата биографија, меѓу другото, стои - на 27-годишна возраст станува адвокат, наскоро потоа доцент, а со 41 година станува судија во Европскиот суд за човекови права. И неговиот татко Алфонс Шпилман во 1980-тите години бил судија во Стразбур. Сега, на 50-годишна возраст, Дин Шпилман станува претседател на Судот.

Неговите двајца претходници, Жан-Пол Коста и сер Николас Браца, на оваа должност стапија на возраст од 66 години, значи значително постари и можеби поискусни?

Андреас Цимерман е експерт за европско право на Универзитетот Потсдам. Тој од страна на германската влада е назначен за ад хок судија на Европскиот суд за човекови права. За Шпилман и неговите квалификации вели: „Бил судија, бил вице претседател, ја знае праксата на Судот. Мислам дека игра добра улога. Може да внесе динамика.“

Возраста не е секогаш решавачка. Во судот е поставена возрасна граница поради тоа што дел од судиите беа речиси престари, објаснува Цимерман претпазливо, но со намигнување.

Застој на предмети

Европскиот суд за човекови права секоја година е преплавен со илјадници тужби. Само во 2011 година ги имаше 65.000. Секој граѓанин од државите членки на Советот на Европа може да поднесе тужба во Европскиот суд доколку е убеден дека некоја постапка на државата ги повредила неговите човекови права. 47-те судии, по еден од секоја држава на Советот на Европа, со години одвај се справуваат со бројот на тужбите. Во септември 2012 година во Судот имаше 140.000 случаи кои чекаат на пресуда.

Dean Spielmann Präsident Europäischer Gerichtshof
Дин Шпилман, нов Претседател на Европскиот суд за човекови праваФотографија: EGMR Straßburg

За ваквиот застој се одговорни постојано истите држави - Русија, Турција, Италија и Романија. Реформи беа неопходни. Најважната реформа е 14. Дополнителен протокол на Европската конвенција за човекови права. Тој овозможува одделни судии да отфрлат по брза постапка неосновани жалби, доколку подносителот не биде значајно оштетен.

Дополнителниот протокол е позитивен чекор, нагласува Цимерман, но поради огромниот број тужби и жалби не е доволен. Во моментов се дискутира околу други реформски предлози - филтер при приемот на тужбите или наплата на паушални трожоци за случаи кои се очигледно безизгледни. Се дебатира и околу тоа Судот да има повеќе персонал и финансиски средства.

Судот е премоќен?

Бенјамин Ворд е заменик директор на Одделот за Европа и Централна Азија на организацијата Хјуман Рајтс Воч. Тој смета дека новиот претседател на Судот Шпилман ќе биде соочен и со други предизвици: „Некои важни држави членки на Европскиот суд за човекови права веруваат дека Судот станал премоќен и дека ќе мора да се ’подзапре’. Владите би можеле, врз основа на тоа, да се обидуваат да ја отежнуваат работата на Судот и да им го затвораат патот до Судот на граѓаните чии човекови права биле повредени.“

Symbolbild Hammer im Gerichtssaal
Секоја година десетици илјади предмети чекаат на пресудаФотографија: picture-alliance/ dpa

Така, на пример, британската влада смета дека влијанието на Судот е преголемо, објаснува Ворд: „Таа, во текот на последните претседателства, се обиде да го намали повторно влијанието на Судот.“ Но и други држави, како Русија или Турција, сметаат дека се често погрешно третирани од страна на Судот, вели Ворд.

Сепак, Стразбур, како што нагласува Ворд, не смее да се претвори во Суд кој главно ќе третира тужби против Русија или Турција. Само ако сите држави членки на Советот на Европа еднакво мора да одговараат пред Судот, тој може да работи ефикасно: „Државите членки мора да покажат политичка волја и да признаат дека Судот е неверојатно важен инструмент за заштита на човековите права во Европа, а во многу држави и единствената инстанца на којашто граѓаните може да се обратат.“

Новиот претседател на Европскиот суд, Дин Шпилман, ќе мора да ја потткнува ваквата политичка волја на државите членки, со многу работа и убедување кои ќе имаат ефект во јавноста.