1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

На ЕУ не и треба маркетинг, туку намалување на долговите

Бернд Ригерт/ Борис Георгиевски 10 јануари 2013

Европската унија ја започнува „Годината на граѓаните“. Се работи за непотребна маркетиншка кампања која тешко дека ќе ги одушеви европските граѓани, смета во следниот коментар Бернд Ригерт.

https://p.dw.com/p/17GyX

За ЕУ минатата, 2012 година, беше уште една грозна година. И 2013. нема да биде многу подобра. Таа изјава не ја измислив јас. Тоа го изјави европскиот комесар за социјални прашања Ласло Андор, кој во вторникот (08.01) говореше за рекордна невработеност и се поголем јаз меѓу богатите и сиромашните во ЕУ. Тоа се вистинските проблеми на ЕУ кои мора итно да бидат решени.

Кампањата за граѓанството и смислата на граѓанството, која Европската комисија ја започнува денес (10.01) затоа делува речиси трагикомично, бидејќи ја игнорира реалноста. На Европа сега не и е потребно продолжение на теоретските дебати за идентитетот и самопочитувањето на граѓаните, туку дела. Сега се потребни конкретни мерки против галопирачката невработеност.

Европа која денес сака да се грижи за социјалната сигурност, сигурно ќе биде поомилена меѓу граѓаните, отколку онаа која почива на старите достигнувања како што се заедничкиот внатрешен пазар, слобода на движењето и заедничката валута. ЕУ со право доби Нобелова награда за придонесот кон помирувањето, но таа сега мора да гледа напред и да се запраша што сакаат нејзините граѓани? Најитниот проблем секако е надминувањето на економската криза која во Германија се’ уште вистински не се чувствува.

Ниту во петтата година од кризата, ЕУ нема вистински инструменти и неопходни надлежности во борбата против економската криза и невработеноста. За економската и социјалната политика задолжени се и понатаму националниот влади. Во Брисел само се врши координација и контрола. Оној кој очекува помош од ЕУ мора да и ги стави на располгање и неопходните средства. Тоа е пораката која Европската комисија во „Годината на граѓаните“ треба да им ја испрати на своите граѓани. Националните влади и парламенти мора да ги отстапат своите надлежности.

Deutsche Welle Bernd Riegert
Бернд РигертФотографија: DW

Што е од корист за Европа?

Тешко дека во овој момент некој невработен во Шпанија, пензионер во Грција или евроскептичен банкар во Велика Британија ќе биде во можност да препознае на кој начин му користи Европа. Во таа смисла, ниту циркусот од разни информации и манифестации во рамки на „Годината на граѓаните“ нема многу да промени. Шанси за подобрување има само ако економијата во Европа се опорави и бидат намалени долговите на граѓаните на југот и истокот на континентот. Евентуалните успеси, секако, националниот политичари ќе си ги припишат себеси, а за неуспесите ќе го обвинат Брисел. Тој политички механизам во последните 40 години малку се промени, а нема многу да се промени ниту во следните години.

Европа не е супердржава. Таа нема ниту единствено население, ниту единствен јазик. Романтични сништа за Соединети европски држави водат во погрешен пазар. Во Европа денес постојат заеднички интереси и заеднички вредности. Ни помалку, ни повеќе. „Годината на граѓаните“ е непотребна. Поважно би било да се организира „Година на борба против невработеноста“, за и оваа година да не биде толку бедна како и претходната.