1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

На Захаријас Мусауи му се заканува смртна казна

Даниел Шешкевиц4 април 2006

Тој е единствениот обвинет пред американски суд поради терористичките напади од 11-ти септември 2001-ва

https://p.dw.com/p/Ae2T
Судот каде му се суди на Мусауи
Судот каде му се суди на МусауиФотографија: AP

„Со оваа одлука поротата реши дека во овој процес е можна смртна казна“ – објави спикер на судот. 12-члената порота, составена од 9 мажи и три жени, по тридневни консултации, едногласно одговори потврдно на прашањето дали за обвинетиот Мусауи доаѓа пред вид и смртна казна. Со тоа поротата го подржа барањето на обвинителството.

37-годишниот француски државјанин од мароканско потекло во април минатата година призна дека е виновен зашто учествувал во терористичка завера против САД. На решението на поротата одговори со повик: „Нема да ја добиете мојата крв, ве проколнувам сите вас“.

На обвинителството очигледно му успеа да ги увери поротниците дека Мусауи е директно одговорен за смртта на 3 илјади луѓе во атентатите од 11-ти септември 2001-ва: по апсењето, неколку недели пред нападите, ги лажел истражните власти и со тоа ги спречил да им влезат во трага на атентаторите.

Обвинетиот и самиот даде придонес за решението на поротата: спротивно на советите од бранителите по службена должност, минатата недела самиот се јави за збор и на изненадување изјави дека требало да учествува во нападите и со авион да удри во Белата куќа во Вашингтон. Бранителите рекоа дека тоа било лага и оти атентаторите, од кои веќе никој не е жив, всушност го исклучиле Мусауи од извршувањето на нападите зашто не бил доволно сигурен. И неговите постапки пред судот оставаа сомневања во душевната пресметливост. Тоа сега ќе и’ даде белег на стратегијата на бранителите, кои ќе пледираат за олеснителни околности во последната и решавачка фаза на процесот, што ќе започне в четврток.

Според процесното право за процеси пред американски сојузни судови, обвинителството ќе мора да ги убеди поротниците дека злосторството на Мусауи било особено подмолно и сурово. За таа цел ќе бидат повикани и испрашувани членови на семејствата на жртвите од 11-ти септември, а ќе бидат емитувани и тонски снимки од разговорите со луѓе што биле блокирани во кулите на Светскиот трговски центар, кои потоа се урнаа.