1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

На здравството му е потребно добро управување

30 ноември 2010

Паѓања на делови од покривите на две болници, вчера во Тетово кога загина млада девојка, а двајца се повредени, и пред 3 дена во Гостивар, го отворија прашањето-се работи само за временски непогоди или и за човечка вина?

https://p.dw.com/p/QLWA
Има ли лек за аномалиите?Фотографија: Fotolia/Gina Sanders

Ресорниот министер Бујар Османи вчера (30.11.10) во Тетово кажа: „Истрагата за причините на несреќата во Тетово е веќе започната: се испитува дали причината е време, или човечки фактор? Целта е да се дојде до одговорот на клучното прашање: како е можно покрив, граден пред три години, да се урне на таков начин?“

Тој дополни: „Двата случаја, во Гостивар и Тетово, во последнава седмица не‘ натераа да покренеме итна и поширока акција за проверка на состојбата во сите јавни здравствени институции, бидејќи е очигледно дека има нешто во квалитетот на градбата на тие институции.“

Директорот на тетовската клиничка болница Атила Реџепи изјави: „Ова нема да мине без некој да одговара. Сега обвинителството и другите органи ќе утврдуваат чија е одговорноста што е загубен еден човечки живот. Технички прием на реконструираниот покрив беше направен во февруари 2008 година. Со новите реконструкции, кои се сега во тек во нашата болница, не беа планирани интервенции на тој покрив. Се сметаше дека тоа е направено и оти тој е во добра состојба.“

Krankenhaus Mazedonien Dach eingestürzt
Како се градени болниците?Фотографија: DW/Toevski

Владимир Лазаревиќ, експерт за јавно здравство и професор во Институтот за социјална медицина на Медицинскиот факултет на универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, истакнува дека извршена супер - ревизија тврдела дека било во ред реновирањето на покривот на тетовската болница, реализирано во февруари 2008 година, како и на други во рамки на проектот финансиран со пари од Светската банка.

Тој додава: „Сите реновирања беа направени во согласност со сите стандарди и имаше дури и спроведени супервизии. Значи, постои контролен механизам, кој дава дозволи и согласности да се извршат плаќањата.“

Лазаревиќ, кој е поранешен заменик за здравство и сега извршен претседател на Собранието на Светската здравствена организација за Европа, смета дека вакви, или слични инциденти и проблеми ќе се повторуваат и натаму во македонските болници и клиники, се‘ додека тие не станат автономни во одговорноста и одлучувањето за своите приоритети и секојдневното работење.“

Проблемот е во централизираниот систем на носење одлуки?

Тој нагласува: „Настанот во Тетово е страшна трагедија. Штом во овој град и и во Гостивар во текот на два дена едноподруго се уриваат покривните конструкции, станува очигледно дека тие се направени за некои други несоодветни стандарди. На што се должи сево ова? Никогаш не може Министерството за здравство да биде главен и одговорен чинител за реновирање на сите здравствени објекти. Болниците се високоцентрализирани. Клучните одлуки се донесуваат преку дозволи и одобренија од Министерството за здравство и Фондот за здравствено осигурување. Се‘ додека одговорноста за реновирања, за финансирање, за работење на објектите не се префрлат во доменот на самите болници, независно која да е таа – во Тетово, Гостивар, утре во Штип, Берово - се‘ дотогаш ќе се соочуваме со истите проблеми. Навистина, може да се каже дека некои од работите не можат да се предвидат, зашто се резултат на временски неповолности. Меѓутоа, сепак, ние мораме да преземеме нешто, оти времето за тоа помина ’12 и 5’, не е веќе ’пет до 12’.“

Patienten im Krankenhaus Belgrad
Болниците треба да станат автономни во одговорноста и одлучувањето за своите приоритети и секојдневното работење, вели Владимир ЛазаревиќФотографија: picture-alliance/ dpa

„Потребни се менаџери со капацитет за добро владеење и протоколи за обезбедување квалитет на работите“

Шќипе Гргури, истражувач во областа на менаџментот од Штуловиот универзитет во Тетово и координаторка на експертската студија за ефектите од управувањето во здравството во РМ и одделно во шест општини, посочува на неколку клучни препораки упатени до надлежните државни институтции за постигање поголема превенција воопшто против продлабочувањето на кризата и хаосот и за подобро владеење во здравството: „Од истражувањето произлегуваат и одредени препораки до државните актери: да го подобрат состемот на набљудување на јавната потрошувачка од страна на институциите за здравствена заштита, потоа да се стават во употреба механизми за одговорност, да се подобрат транспарентноста и одговорноста на институциите за здравствена заштита.“

Krankenhaus Mazedonien Dach eingestürzt
Кој ќе одговара?Фотографија: DW/Toevski

Марија Ристевска, аналитичар од Центарот за истражување и создавање политики од Скопје, како авторка на анализата за неефикасноста и неприменливоста на „ДРГ-системот“ за финансирање на болниците, смета дека се потребни нови концепти на одговорност и стандарди на квалитет и добро управување во јавните здравствени институции: „Овие настани, што ни‘ се случуваат, укажуваат на фактот дека нашите менаџери во здравствениот сектор не се доволно подготвени да реагираат навремено и да ги спречат тие настани. Дури и онаму каде што е интервенирано, прашање е со каков квалитет е направено тоа. Значи, потребно е да се зголеми капацитетот на менаџерите во здравствениот сектор, за да можат навреме да ги определуваат приоритетите и нивното финансирање. Но, во исто време неопходно е да се сочинат протоколи и процедури, кои ќе обезбедуваат квалитет на извршените работи, или, пак, ќе ги држат под одговорност оние што ги реализирале работите, ама не и соодветно.“

Ристевска го напоменува и следново: „Се работи само за воспоставување нови принципи на добро владеење, кои се‘ уште не се воведени, иако имаме инвестиција во нов систем на управување во здравствениот сектор. Имаме обуки за тоа, но немаме воспоставено стандарди за добро владеење во овој сектор: одговорност, отчетност, транспарентност, партиципативност во процесот на одлучување и утврдување приоритети. Во ова се состои суштината на доброто управување во здравството.“

Автор: Свето Тоевски

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска