1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

На изборите во Грција ќе се решава и за судбината на реформите

Панајотис Купаранис / Зоран Јордановски12 април 2012

На шести мај Грците ќе гласаат кому да му доверат да ги извади од најголемата криза во земјата во поновата историја. Претстојните предвремени парламентарни избори се најважните во Грција во последните децении.

https://p.dw.com/p/14c5y
Фотографија: picture-alliance/dpa

Точно шест месеци по стапувањето на должност, грчкиот премиер Лукас Пападимос објави оставка на преодната влада и најави предвремени парламентарни избори на 6 мај. Клучно прашање е дали Грција ќе продолжи со реформите започнати во меѓувреме, кои за населението значат остри мерки за штедење, но на земјата и‘ овозможија да добие европска помош за да избегне банкрот?

Голема коалиција - реална опција?

Досегашните испитувања на јавното мислење покажуваат дека конзервативната Нова демократија, како ни социјалдемократскиот ПАСОК, нема да освојат апсолутно мнозинство во парламентот. Предизборната кампања започна уште пред официјално да бидат најавени изборите. Партиите си ја префрлуваат меѓусебно вината за драматичната економска криза. Но конзервативните и социјалдемократите водат сметка сепак да не исклучат ни опција на идна голема коалиција. Евангелос Анатонарос, актуелен пратеник на Нова демократија, смета дека идната влада што би ја предводела неговата партија, треба да добие „силен мандат“ од избирачите, оти само така би била во состојба да го спроведе она, на што се обврза пред европските партнери. Владата треба да донесе конкретни мерки за борба против тешките проблеми како невработеноста и рецесијата. Неговата партија ќе поднесела предлози и ќе преговарала со кредиторите.

Griechenland Evangelos Antonaros
Евангелос Антонарос смета дека идната влада што би ја предводела неговата партија, треба да добие „силен мандат“ од избирачитеФотографија: picture-alliance/ZB

Евангелос Венизeлос, новиот претседател на ПАСОК, истакна дека на земјата и’ е потребна „силна влада, која ќе ја спроведе програмата за подршка на грчкото стопанство и ќе ја прошири во национална стратегија за обнова на земјата“.

Ќе гласаат ли Грците во афект - или со разум?

Може да се очекува малите партии, кои се против острите мерки за штедење, да привлечат многумина од избирачите, но според новите анкети нема да успеат да спречат некоја од двете големи партии да ја предводи идната коалициона влада. Дора Бакојани, претседател на грчките либерали, не верува дека противниците на реформите и мерките за штедење можат да обезбедат мнозинство во парламентот, но предупредува дека „во земја во таква криза постои опасност екстремистичките сили да имаат прилив и избирачите почесто да донесат решение во афект, отколку со разум“. Бакојани верува дека Грците, и покрај неволјите и безнадежноста, „на крајот сепак сериозно ќе одмерат“ дали сакаат да се откажат од сигурноста што ЕУ и’ ја нуди на Грција.

Созреа времето за реформи

Грција и по изборите ќе опстои на европскиот курс на реформи, верува и Тасос Јаницис, министер за внатрешни работи во преодната влада. Во 2000 година тој мораше да поднесе оставка на функцијата министер за труд и социјала по жестоките протести на синдикатите и на неговите социјалдемократски сопартијци против реформскиот пакет што го предложи. Со него беше предвидено да се покачи старосната граница за пензионирање и да се либерализира пазарот на работна сила. Во меѓувреме и политичката класа сфати дека такви реформи се неопходни, вели Јаницис: „Само така може да се создаде доверба и перспектива за земјата“. Тој посакува во странство, а посебно во Германија, да се вреднуваат досегашните напори и жртви на Грците, што нив дополнително би ги охрабрило.

Griechenland Innenminister Tassos Giannitsis
Тасос Јаницис: Грција и по изборите ќе опстои на европскиот курс на реформиФотографија: picture-alliance/dpa