1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

На исток нешто ново

Рихард Фукс / Зоран Јордановски21 септември 2012

Источни Германци во Западна Германија во потрага по подобар живот - оваа слика веќе не важи целосно. Сега оние што заминале на Запад, сакаат повторно назад!

https://p.dw.com/p/15qVS
Фотографија: DW

Враќање во родниот крај - семејството Беренбрух ги пакува куферите. По десет години во Волфсбург, на германскиот Запад, ги утоваруваат работите во камион. Тргнуваат кон германскиот Исток, назад дома.

Претходно мора се’ да се спакува - како тогаш, кога Мартин Беренбрух тргна кон Волфсбург, привлечен од работното место информатичко-телекомуникациски систем администратор.

„Во тоа време уште бев ерген, светот ми беше отворен. Си помислив, зошто не се обидеш во златниот Запад? И навистина, сето чудесно функционираше“.

Разделба во Волфсбург. Родителите сметаат дека решението е правилно, иако на работа се’ одеше добро: љубезни колеги, добра клима во претпријатието и фер-плата. Мартин Беренбрух можеше професионално да напредува.

Во приватниот живот, напротив, Волфсбург секогаш беше полошата варијанта.

„Овде сме речиси десет години, а кругот на пријатели се’ уште не е толку проширен, за да сакам тука да дочекам старост. Оти, човек старее и посакува некогаш на улица да сретне луѓе што ќе прашаат: ’Како си?‘. Овде не е така“, вели Мартин Беренбрух.

Свесно се прифаќаат помали плати, само опкружувањето да е добро

Од пред десетина години државна агенција се грижи за сите, кои, како семејството Беренбрух, заради кариера и пари отидоа на Запад, но сакаат да се вратат на Истокот.

„Мекленбург - Предна Померанија за тебе“ - така се вика рекламната кампања за повратници. Агенцијата помага за работни места, за да побуди интерес за враќање - иако тоа ќе значи помали приходи. Золвајг Штројер, раководителка на агенцијата за повратници, објаснува:

Mauerfall Wiedervereinigung Menschen auf der Berliner Mauer
По обединувањето на Германија многу источни Германци се преселија на ЗападФотографија: AP

„Луѓето знаат дека овде ќе заработуваат 20 проценти помалку, но свесно прифаќаат - ако опкружувањето им одговара. Оти, овде се дома, имаат можност за згрижување на децата, од една страна од соодветни установи - кои овде ги има многу повеќе, а од друга и од родителите, од дедо и баба“.

Повеќе повратници е итно неопходно

А згора на тоа, уште има и разонода на вода. Во Мекленбург - Предна Померанија за стручна работна сила има место онаму, каде други се одмаарат (во туризмот).

Но, во покраинското министерство за труд не сакаат да останат само на волшепството на природата. Министерката Мануела Швезих првенствено се залага за повисоки плати:

Landtagswahlen Mecklenburg-Vorpommern Schweriner Schloss
Во министерството за труд во Мекленбург Предна Померанија не сакаат да останат само на волшепството на природата - замокот во ШверинФотографија: picture alliance/dpa

„Мекленбург - Предна Померанија мора да се бори против гласот дека е покраина на ниски плати. Тоа е грешка на минатото, посебно на 90-тите години, кога се мислеше дека со тоа ќе се привлечат претпријатијата. Ние одиме по друг пат и велиме: потребни ни се добри плати, за да бидеме атрактивни за стручњаци“.

Во покраинскиот парламент во Шверин знаат дека населението старее, а наталитетот опаѓа. Последица е драматичен недостиг од стручна работна сила. За Индустриската и трговска комора рецептот е - повеќе повратници. Петер Тот, од Индустриската и трговска комора Шверин, вели:

„Тоа се наши сопствени стручни сили, кои беа обучени во покраинава, кои се поврзани со неа. За нас е тоа извонредно важна група, која треба да се придобие“.

Ќе се исплати ли?

Семејството Беренбрух веќе се упати на Исток, како пред нив и 750 илјади други повратници од обединувањето наваму. Во Нојбранденбург тие ја најдоа својата нова, стара татковина.

Откажувања во дел од работата за подобар квалитет на животот - за семејствто Беренбрух се чини дека таквата сметка ќе успее. Мартин Беренбрух бара подобри понуди, оти, за разлика од порано, стручњаци од неговата област сега се многу барани во Источна Германија.