1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

На Кипар му претстојат тешки времиња

Бернд Ригерт/ БГ25 март 2013

Банкротот на Кипар е засега избегнат. Банките и инвеститорите добија жесток удар. Ваквото решение можеше и мораше да се постигне и порано, смета Бернд Ригерт во својот коментар.

https://p.dw.com/p/183nC
Фотографија: AFP/Getty Images

Кипар не банкротираше, но државата ќе мора да го менува својот економски модел и да преживее тешка рецесија. Финансискиот сектор ќе загуби илјадници работни места. Досега овој сектор обезбедуваше речиси половината од економскиот производ на медитеранскиот остров. Тоа е сега минато. Кипарската влада долго се обидуваше да ги спаси сите банки, но залудно.

За Кипар претстојат тешки години. Со оваа оценка, еврокомесарот за економија Оли Рен е во право. Во претстојните месеци и години ќе следат голем пад на приходите од даноците и покачување на социјалните трошоци. Уште сега е предвидливо дека најавената помош од 10 милијарди евра нема да биде доволна. Шефицата на ММФ проценува дека Кипар и во 2020 година ќе се соочува со долг од речиси 100 проценти од својот БДП. Дали 800 илјади Кипрани ќе успеат да го издржат овој товар е големо прашање. Може да се претпостави дека странските инвеститори, во прв ред Русите и Грците, ќе го напуштат островот со своите пари. Кипар може да стане и случај кому ќе му треба постојана помош од ЕУ.

Кипар ќе плати висока цена за своето учество во монетарната унија. Од економска гледна точка, за островот е веројатно поисплатливо да ја напушти еврозоната и одново да ја гради својата валута. Останатите 16 земји-членки на еврозоната не беа подготвени на ваков чекор. Тие стравуваат од губење на довербата во еврозоната. Никој не може да предвиди какви ќе бидат последиците од евентуалното излегување на Кипар. Од чисто економски аспект, Кипар не е релевантен за еврозоната. Нема причина ниту за страв од евентуално „ширење на заразата“ затоа што Кипар не е задолжен во странство, а грчките филијали беа навремено одвоени.

Deutsche Welle Hintergrund Deutschland Bernd Riegert
Бернд РигертФотографија: DW

Катастрофален кризен менаџмент

Дека кризниот менаџмент, како на еврозоната, така и на владата во Кипар беше катастрофален, постои општ консензус. Драматичните моменти од последните денови беа непотребни и тие ја намалија довербата во еврозоната и одвнатре и однадвор. Кипарските банки во нивниот постоен облик беше невозможно да се спасат. Тоа беше јасно уште од јуни 2012 година, кога Кипар по загубите поради банкротот на Грција побара помош. Владата во Кипар ги одолговлекуваше преговорите, а еврозоната го дозволи тоа. Дури ултиматумот на Европската централна банка дека ќе престане да дава заеми предизвика вистински шок. Тоа покажува дека Европската централна банка е вистинскиот виновник, а не министрите за финансии. Тоа не е добар показател, затоа што се поставува прашањето, кој ја контролира ЕЦБ?

Парламентите во Германија, Холандија и Финска ќе мора да го одобрат планот за Кипар. Тоа веројатно и ќе се случи. Парламентот во Кипар повеќе не се прашува. Тоа ќе ги изненади парламентарците во таа земја, а веројатно и ќе го зголеми бесот на граѓаните кон Европа. Но, тие немаат друга алтернатива. Русија веќе им го сврте грбот. Сега Кипар мора или да ги исполни барањата или да ја напушти еврозоната.