1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

На Македонија и треба „востание“ за интеграција

Катерина Блажевска2 август 2013

Ни треба европското семејство, ни треба економски развој, нас не чекаат перманентни востанија во мир и за мир“, вели академик Матеја Матевски

https://p.dw.com/p/19Ib3
Фотографија: MIA

Македонија го слави 2-ри август. Историскиот календар одбројува 110 години од Илинденското востание и 69 години од првото заседание на АСНОМ. По 22 години од „третиот Илинден" - прогласувањето на независноста, земјата е пред нови предизвици. Какво „востание" е и најпотребно на Македонија денес? Соговорниците се едногласни: на Македонија и се потребни перманентни „востанија" - економски, инвестициски и интеграциски - и внатре и надвор.

Востанија во мир и за мир

Академик Матеја Матевски е загрижен што по сите големи промени од Илинденското востание до денес, надежта дека живееме во мир е сериозно расколебана.

„Обременети сме со чувство на загрозеност на идентитетот, фраза со која се соочуваме цел век. И кога мислевме дека сме го совладале тоа, се наметна проблемот со името, кој не е само наш, а Европа на еден начин и го даде мандатот на Грција да решава за нашата судбина. Ни треба дијалог за да го решиме тој проблем и да влеземе во европското семејство, иако според сите достигнувања ние одамна припаѓаме таму. Таква беше и визијата на генерацијата храбри Илинденци, но и на оние од мојата генерација, кои се бореа Македонија да го најде своето место во семејството на слободни и прогресивни народи. Денес ни треба економски развој и добри меѓуетнички односи, а не национализми и лажни патриотизми. Колку побрзо ја сфатиме реалноста, толку побрзо ќе обезбедиме сигурна иднина. Не очекуваат перманентни востанија во мир и за мир", вели академик Матевски.

Mateja Matevski
Академик Матеја МатевскиФотографија: Sveto Toevski

Време е за силата на аргументите

Ако Манифестот на Крушевската република се смета за вонвременска рамка на борбата за слобода, рамноправност, заедништво и толеранција, тогаш може да се каже дека Македонија во свое наследство го има трајниот и непогрешлив патоказ за нејзините чекори кон иднината. Профeсор д-р Тодор Чепреганов од Институтот за национална историја, потсетува дека 20. век ќе остане запаметен по востанијата и народно-ослободителната војна, кога со силата на идеалите и оружјето Македонија се избори да биде рамноправна во рамките на југословенската заедница, а во 1991 година и да стане независна.

„Во 21. век Македонија повторно се наоѓа пред предизвикот на мирновременски 'востанија' и 'борби', кога со силата на аргументите се бара решение за важни прашања, пред се, на надворешен план: името и идентитетот, како проблем наметнат од јужниот сосед, како и непризнавањето на македонскиот идентитет и на Црквата од некои од соседи. На внатрешен план особено чувствителна тема се односите меѓу етничките заедници. Сите тие треба да се решат во институциите и со дијалог. Време е да се искористат сите 'сили' и со заеднички став да се крене 'востание' за конечно решавање на сите прашања од државен интерес", порачува Чепреганов.

Силата на оружјето останува во историјата. Во Крушево до десетти август ќе продефилираат многу комити, војводи и турски војници, но само во рамките на манифестацијата „Крушево етно-град", за да потсетат на традициите, на востанието, на првата република на Балканот и на нејзиниот претседател Никола Карев.

Mazedonien Nationalfeiertag - Ilinden
Прослава на Илинден во КрушевоФотографија: MIA

Ни треба обединување

Но, иднината бара многу повеќе од прослави на минатото. Со тоа се согласува Игор Филевски, правнук на Никола Карев. Денес нема да биде на местото каде пред 110 години неговиот прадедо заедно со востаниците ја започнал битката за ослободување на Крушево. Заради професионални обврски, Филевски подолг период живее на релација Македонија- Шпанија.

„На Македонија не и треба востание. Како сите досегашни и следното би било неуспешно, колку и да не сакаме да го признаеме тоа. Време е 'револуционерно' да се напуштат македонските псевдо-принципи на удирање во гради и 'револуции на тастатура'. На Македонија и треба обединување на умот, интелектот и храброста на малкумината и заедничко исчекорување кон иднината. Ни треба обединување во реалниот свет. Заедно да работиме на конкретни прашања од национален интерес и да зачекориме кон иднина во која нема да има поделби, кавги и персонифицирање на државата преку сопственото 'јас'. Време е за 'ние', како едно и цело. Тоа ќе биде 'револуцијата' што ќе направи да тргнеме напред, во чекор со светот", вели правнукот на Никола Карев.

За кого бијат камбаните?

Иако „иконата" на Крушевската Репубика, Никола Карев заедно со Димитар Влахов одамна „исчезнаa" од првобитниот текст на македонската химна, тоa не ги однесе во заборав. Не е заборавен ни симболот на востанието, црешовото топче, иако единствениот примерок кој не се оштетил за време на востанието, турските војници го заплениле по битката кај месноста Слива, го пренеле во Турција и денес се наоѓа во Воениот музеј во Истанбул. Во 2003 година, по повод 100-годишнината од Илинденското востание, со дозвола на турските власти црешовото топче три месеци беше изложено во Музејот на Македонија. Tоповите од црешово дрво немале значајна борбена вредност, бидејќи дрвото распукувало по само еден или два истрели, но според историчарите, тие имале големо значење во подигањето на моралот на востаниците. Првиот истрел од црешово топче се слушнал ноќта спроти 2 август, веднаш откако бил даден „знак" за почеток на востанието со биење на црковните камбани.

Illinden-Aufstand - Nikola Karev (1877-1905)
Никола КаревФотографија: macedonia.org

110 години подоцна, во Крушево денес повторно бијат камбаните. „Востаниците" знаат дека тоа е знакот за почеток на „четвртиот Илинден", за Македонија во европското семејство.