1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

На Македонија и треба реформирана администрација

Свето Тоевски19 декември 2007

Забрзувањето на реформите во јавната администрација ќе придонесе и кон забрзувањето на евроинтегрирањето на Македонија,заклучено на експертската расправа на Штуловиот универзитет во Тетово

https://p.dw.com/p/Cdir
Универзитет за Југоисточна Европа во ТетовоФотографија: Petar Stojanovski

Бркањето од работа на илјадници јавни и особено државни службеници со секое менување на власта, како партиски непогодни, без оглед дали и колку се стручни, ја претвора Македонија во своевидна ,темна зона‘ без административен капацитет да одговори на најобични прашалници. Потребни се структурни, а не инцидентни реформи, констатираа експертите на вчерашната целодневна научна конференција на Штуловиот универзитет во Тетово во врска со состојбата во јавната администрација и нејзините реформи како услов за влегување на земјата во Европската Унија.

Д - р Борче Давитковски од Правниот факултет на Скопскиот државен универзитет истакнува:

„Да се смени законот за државни службеници и да го напуштиме системот на работни места, да го воведеме системот на кариера. Натаму, би можеле да се забранат измените во систематизациите во првата, или во втората година на доаѓањето на новата власт. Ние имаме во Македонија 120 илјади луѓе вработени во јавната адмнистрација, во најширока форма, а со статус на државни сужбеници се само 11.500 вработени во министерствата. Така што, ако ние вака правиме цунами на секои четири години, едноставно, ќе немаме капацитет да ги пополниме тие работни места со квалитетен кадар, што е и факт “.

Низок квалитет на услугите и

од страна на локалната администација

М - р Вели Креци од Факултетот за јавна администрација на Штуловиот универзитет вели:

„Има некои иницијативи за обука на локалната администрација, за да ги приспособат да понудат поквалитетни услуги. Во некои општини гледаме дека е ниско нивото на административна приспособеност“.

Директорот на Институтот за социо - политички и правни истражувања од Скопје Јорде Јакимовски укажува:

„На прво место при вработувањата доаѓа политичката припадност. Потоа, доаѓаат пријателите и роднинската врска, а на трето место се наоѓаат квалитетот, образованието и познавањето на вештините. Ова повлекува мали резултати во работењето и се одразува врз вкупниот систем на функционирањето на државата“.

Абдулменаф Беџети, професор на Економскиот факултет на Штуловиот универзитет, нагласува:

„Најголем е проблемот во структурата на менталитетот на вработениот во јавната администрација. Ќе нема потреба некој да краде, ако е добро платен. Не може да биде корумпиран некој, кој што ќе знае утре дека ќе го загуби работното место. А овие сегашниве нема ништо да загубат. Што губат? Плати ли? Позиција ли?“.

Заменикот на народниот правобранител на Македонија Нашиде Ибраими истакнува:

„Имаме администрација со компликувани процедури, со неквалитетни кадровски ресурси. Исто така, и присуство на арогантно однесување во комуникацијата со граѓаните “.

Колку подолго ќе остане администрацијата некомпетентна, неодговорна, непрофесионална, партиски зависна и подложна на корупција и криминал, толку повеќе ќе доцни и Македонија со своите подготовки за евроинтеграцијата – беше заклучено на оваа научна конференција.