1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

На Мурси ќе му се суди во ноември

ЕМФ/дв9 октомври 2013

Четири месеци по соборувањето од власт, армијата во Египет ќе го извади поранешниот претседател Мохамед Мурси пред суд. Во Каиро денеска е соопштено дека процесот ќе почне на 4 ноември.

https://p.dw.com/p/19wqB
Фотографија: Reuters

Мохамед Мурси треба да одговара заедно со уште неколкумина обвинети за насилството против демонстрантите пред Претседателската палата на 5 декември 2012 година. Тогаш илјадници противници на Муслиманското братство, од чии редови доаѓа експретседателот, демонстрираа против Уставот донесен од исламистите. Притоа беа убиени петмина демонстранти, а имаше и повеќе повредени. Обвинението сега гласи - поттикнување на убиство.

Мурси беше симнат од власт од страна на армијата на 3 јули 2013 година, по само една година на власт. Него го држат на непозната локација. Муслиманските браќа постојано протестираат барајќи враќање на Мурси на функцијата, а при демонстрациите постојано доаѓа до насилство.

Во меѓувреме, шефот на египетската армија, министер за одбрана и вицепремиер, Абделфатах ал-Сиси веќе не исклучува можност да се кандидира за претседателската функција. На прашањето на новинарот на весникот „Ал-Масри Ал-Јоум“ дали ќе се кандидира, тој избегна директен одговор.

„Сметам дека не е вистински момент за поставување вакво прашањe, со оглед на тоа што нашата земја треба да излезе на крај со многу предизвици и опасности“, рече тој.