1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

На некои врвни спортови им се заканува цунами?

СН/ЖА/мс/сс3 август 2013

Велат дека поранешниот директор на Светската антидопинг агенција Ричард Паунд е најголем критичар меѓу спортските функционери. Членот на Меѓународниот олимписки комитет вели дека на врвните спортови им се заканува криза.

https://p.dw.com/p/19JGH
Фотографија: picture-alliance/dpa

На констатацијата на новинарите дека за време на „Конфедерацискиот Куп" во Бразил се одржани масовни протести против скапите стадиони и големите трошоци за Светското фудбалско првенство и Олимписките игри, Ричард Паунд во интервју за германскиот интернет портал „Спортшау“ вели дека Бразил денес не е оној Бразил од пред 35 години. „Бразилците сакаат да се претстават како важна нација поради што решија во период од 2 години да бидат домаќини на двете најголеми спортски случувања во светот. Тоа е многу амбициозен проект“, вели Паунд.

Дали е тоа проект во кој ФИФА и Меѓународниот олимписки комитет ги одредуваат правилата? „Кога ќе се пријавите за организација на Олимписки игри, тогаш е јасна работата. Програмата опфаќа 28 спортски дисциплини чии натпревари се одржуваат 17 дена. За тоа не ви се потребни стадиони кои примаат 200.000 гледачи. Секогаш велиме 'не правете никакви глупости' бидејќи се работи за Олимпијада. Дури за неколку години ќе видиме дали Рио направил добро или не. На пример, дури сега започнаа со припремите за натпреварот во голф. Не знаат што им е потребно на спортистите во многу дисциплини“, вели Паунд.

Спорт и корупција

Кај доделувањата на големите спортски манифестации очигледно во прв план не се наоѓаат спортските интереси. Еден од примерите е Светското фудбалско првенство кое 2022. година ќе се одржи во Катар. Паунд вели дека не ја познава политиката на ФИФА. „Знам дека Катар се кандидираше за се' можно. Тие имаат пари како и нафта. Сепак, тешко можам да замислам да се игра фудбал на 50 степени.“
За одлуката Катар да ја добие организацијата има многу критики бидејќи се наведува дека имало корупција. Спортските сојузи, како што е ФИФА, важат за корумпирани.
Паунд: „Во спортот генерално се поставува прашањето за 'добро управување'. Во Меѓународниот олимписки комитет веднаш по кризата по повод доделувањата на Олимписките игри во Солт Лејк Сити пред 14 години направија голем чекор во барање на одговори на тоа прашање. Да се однесувавме како ФИФА, денес не би го имале Меѓународниот олимписки комитет. Тогаш бевме под неверојатен притисок. Меѓутоа, бевме свесни дека се наоѓаме пред проблем и дека е подобро да се позанимаваме со него пред да почнат да се занимаваат владите.“

Празни ветувања

ФИФА неодамна донесе одлука за спроведување реформи. Дали е тоа доволно?
Паунд: „Не знам. ФИФА зборуваше за тоа што треба да се направи, но до сега ништо не стори. ФИФА по се' судејќи мисли дека е помоќна од поголемиот број влади. Можеби е тоа и точно. Мислам дека спортот наскоро ќе западне во еден вид криза. Мислам дека се' ќе биде готово кога спонзорите ќе кренат раце. Погледајте го велосипедизмот. Спонзорите веќе го напуштаат овој вид на спорт. И владите кога-тогаш ќе речат 'повеќе нема да ви градиме објекти или нема да ги користите објектите додека не бидеме задоволни како се однесувате со корупцијата'. Спортските челници и понатаму делуваат како да немаат никакви проблеми. Меѓутоа, големите концерни кога-тогаш ќе се прашаат 'Зошто го правиме тоа? Зошто ја ризикуваме нашата репутација?'. Потоа ќе спонзорираат уметност или нешто друго. Ако се случи тоа, тогаш за спортот ќе настапи цунами.“

Како да се заштити спортот?

Допингот е исто така еден вид корупција. „Фудбалот, атлетиката, пливањето- сите го имаат тој проблем. Луѓето мислат дека ќе го заштитат спортот ако сокријат што се случува отколку јасно да кажат: 'Тоа е погрешно. Ќе те фатиме ако тоа го правиш, а тогаш ќе бидеш дисквалификуван'. Како спортист и тренер знаеш дека настапуваш во спорт во кој нема допинг. Тоа е многу подобро. Спортистите и тренерите не треба да лажат. Така се штити спортот“, вели Паунд.

Radsport Tour de France Etappe 21
Спонзорите бегаат од врвниот велосипедизамФотографија: Joel Saget/AFP/Getty Images
Stadien Fußball WM 2014 Brasilien Estádio do Maracanã Rio de Janeiro
Рио де Женеиро се подготвува за двете најголеми спортски манифестацииФотографија: VANDERLEI ALMEIDA/AFP/Getty Images