1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

На пазарење во евро-земјите

Карл Харенброк / Александар Методијев 2 јануари 2014

Швајцарците, користејќи ја предноста од размената на нивниот франк во евра, пазарат преку граница - во соседството, каде им е поевтино. Шопинг-туристите сепак и’ нанесуваат штета на сопствената економија.

https://p.dw.com/p/1AhcM
Фотографија: DW

Во Вајл на Рајна се купува на големо. Најголем дел од муштериите во трговскиот центар се Швајцарци. Тие пазарат тука поради поволниот девизен курс на франкот во однос на еврото. Освен тоа, платите во Швајцарија се многу повисоки отколку во Германија, а набавките до 350 евра не се царинат.

„Зеленчукот, овошјата - се’ е поевтино“, вели еден постар Швајцарец.

„Овде ова чини 3,40 евра, а кај нас ако се претвори во евра тоа чини 7-8 евра. Истиот продукт, истата марка“, објаснува друг муштерија.

„За хигиенски средства и салфети плаќам во Швајцарија четирипати повеќе“, вели една Швајцарка.

Веднаш до касите на Швајцарците им го враќаат германскиот ДДВ. Тоа ним им следува, бидејќи Швајцарија не е членка на ЕУ и дополнително ги поевтинува продуктите за уште 19 проценти.

Секој викенд се одвива преселба на народите. Швајцарците калкулираат и со повеќечасовно чекање за преку граница да пазарат во германските трговски центри.

SNB Schweizer Nationalbank
Швајцарците ја користат предноста од замената на франкот во евраФотографија: picture-alliance/dpa

На швајцарската страна тоа донесе драматични последици за трговијата на мало. Во пограничната област трговците редум банкротираат. Според проценките, веќе се загубени околу 20.000 работни места. Сојузот на швајцарските трговци на мало се надева дека вредноста на франкот ќе се намали.

„Си замислувам ревалоризација на еврото за 15 до 20 проценти: кога курсот на еврото би бил околу 1,40 нам многу би ни помогнало“, вели Томас Хес од Швајцарски сојуз на трговци на мало.

Но, швајцарската Национална банка има други планови. Со откуп на милијарди евра таа вештачки одржува низок курс на франкот за да се поткрепи швајцарскиот извоз и да се зачува меѓународната конкурентност на земјата.

За трговскиот центар во Вајл на Рајна е значајно ова да не се промени на долг рок, оти се планира проширување на продажната површина. Менаџерот во иднина очекува уште повеќе швајцарски купувачи.

„Не гледам некаква опасност во следните години многу да падне вредноста на швајцарскиот франк, бидејќи ќе биде потребно подолго време додека ЕУ економски се стабилизира“, вели Гинтер Мерц, менаџер на трговскиот центар „Рајнцентер“.

Според последните истражувања, Швајцарците купуваат во соседството стоки во вредност од 6 милијарди евра. Голем дел од тоа оди во касите на германските супермаркети.