1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

На Папаконстантину му станува „тесно“

ЖА/дв/дпа/дапд/афп/ртре18 јануари 2013

Дали грчкиот екс-министер за финансии, Јоргос Папаконстантину, ги избришал своите роднини од листата на даночни „грешници“: Грчкиот парламент смета дека постојат доволно укажувања, покрената е истрага.

https://p.dw.com/p/17Mi0
Фотографија: picture alliance / dpa

Грчката афера со даночни затајувачи влегува во нова рунда. Грчкиот парламент во раните утрински часови, по претходна целодневна седница, изгласа формирање истражна комисија во врска со обвинувањата во врска со затајувањето данок против поранешниот министер за финансии Јоргос Папаконстатину. Пратениците во Атина сметаат дека постојат доволно укажувања и информации кои заслужуваат почеток на истрага.

Истражната комисија треба да провери дали е потребно укинување на имунитетот на Папаконстантину поради скандалот со даночните „грешници“. Со тоа за поранешниот министер станува се‘ „потесно“. Него го обвинуваат за фалсификување податоци и повреда на службената должност. Наводно, тој ги избришал имињата на неговите роднини од листата со имиња на повеќе од две илјади Грци со банкарски сметки во Швајцарија, кои се товарат за затајување данок. Папаконстантину го водеше министерството за финансии во 2010 година, кога листата во Грција ја испрати тогашната француска министерка за финансии, а сега шефица на ММФ, Кристин Лагард.

Папаконстантину ги отфрла обвинувањата. Доколку му биде одземен имунитетот, специјален суд ќе решава за неговата вина. Во случај на осуда, на Папаконстантину му се закануваат до 20 години затвор, велат правниците во Атина.

Грчкиот парламент, пак, го отфрли барањето на опозицијата за укинување на имуниттеот на поранешните премиери Јоргос Папандреу и Лукас Пападимос, како и на екс-министерот за финансии Евангелос Венизелос. Опозицијата ги обвинуваше за немарност во проверката на листата со даночни затајувачи.