1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

На пат кон југ

Норман Штригел/ Зоран Јордановски 8 септември 2012

Автопатот Е15 води од Европа кон Африка. Тука многумина возат илјадници километри патувајќи на одмор, но има и такви, кои на автопатот, особено сега во криза, заработуваат парче леб.

https://p.dw.com/p/15vLG
Фотографија: DW

Патот кон југ е напорен. На 35 степени се топи асфалтот на автопатот Е15 од Валенсија кон Гибралтар.

Двегодишново момче тоа не го забележува и одлично се забавува на крајпатното одморалиште. Со баба и дедо тоа патува од Барселона кај роднини во Мурсија.

„Има семејства во кои браќа и сестри не се виделе 20-30 години, оти и не сакале да се видат. Инаку, посети се секогаш можни. Ние сега одиме кај сестра ми, која е многу постара од мене. Којзнае, можеби ќе ја видам за последен пат“, вели Марисол, на пат кон Мурсија.

Од паркингот кај Валенсија продолжуваме кон Бенидорм, цел на многу летувалци.

Но целта на патниците во најчесто добро натоварените автомобили е уште понатаму: тоа се марокански иселеници, кои од Франција и Шпанија се упатуваат на напорниот пат кон татковината.

Абдел со жената и детето тргна од Барселона. Но, патувањето за него не е само посета на семејството - тој тргува со велосипеди, детски колички, фрижидери.

„Порано имав работа, сега веќе не. Поради тоа собирам вакви работи и ги продавам во Мароко. Луѓето во Африка сакаат модерни работи. Со едно патување заработувам помеѓу илјада и илјада и петстотини евра“, истакнува Абдел Кадер.

Auto unterwegs auf der E-15
Преку 3.600 километри е долг европскиот автопат од Шкотска преку Англија и Франција кон Шпанија. Особено последниот дел од автопатот до Гибралтар се користи многуФотографија: DW

На автопатот Е15 секогаш е живо, дури и среде ноќ. Многумина од патниците-Мароканци преноќуваат под ведро небо. Но, топло е - температурата е 25 степени.

Тие сакаат да се одморат, за наредното утро свежи да го продолжат патувањето кон пристаништето во Гибралтар.

Лавината од автомобили му создаде шанса на Хозе: како електричар не може да најде работа, па на викендите го чисти паркингот кај Марбеља.

„Овде се чисти секој ден, инаку ѓубре ќе лета наоколу. Луѓето сакаат насекаде да е чисто. Сум бил во Германија, таму се’ изгледа многу уредно. И ние се обидуваме да држиме чекор“, вели невработениот електричар Хозе Гомес Мартин.

Французи, Германци, Холанѓани возат илјадници километри одејќи на одмор на Коста дел Сол.

Многумина Шпанци имаат пари само за одмор во сопствената земја. На кампингот во Марбеља, непосредно покрај автопатот, Марија со семејството е сместена во шатор. Две недели - и потоа назад во Мадрид. Тогаш пак ќе ги среќаваат преоптоварените автомобили на Мароканците и се надеваат дека нема да се случи некаква несреќа.

„Понекогаш се прашувам, како можат така да патуваат? Автомобилите веројатно им се премали за толку багаж. Но, изгледа дека е дозволено, оти ги гледаме секоја година“, вели Мариа Пасквал Гарсиа, кампер во Марбеља.

Дозволено не е, но не се прават насекаде контроли. Така на автопатот Е 15 не се реткост дефекти на моторот или на гумите.

Жилели тргна од Малага кон Рабат. Веќе по неколку километри имаше проблеми со моторот. Сега мора да дојде механичар.

Жилели Аларби, марокански иселеник: „Подобро дефект на паркингов, отколку на автопат. Таму би дошла полиција и би ме казнила, оти не смеам да имам повеќе од три тони товар“.

Ќе поминат часови додека тој да го продолжи патот кон Гибралтар. Кај Гибралтарскиот теснец, каде од Атлантикот конечно доаѓа посвеж ветер, каде завршува Европа и почнува Африка, овде завршува европскиот автопат Е15.