1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

На повидок договор со Иран

ЖА/два/дпа/ртре/афп8 ноември 2013

Доаѓа до придвижување во спорот околу иранската атомска програма. Се насетува компромис - американскиот министер за надворешни работи Џон Кери лично доаѓа во Женева на средба со иранскиот колега Зариф.

https://p.dw.com/p/1AE0F
Фотографија: Reuters

Светските сили „постигнуваат напредок“ во преговорите со Иран во Женева за спорната иранска нуклеарна програма, изјави Мајкл Ман, портпарол на високиот претставник за надворешна политика и безбедност на ЕУ, Кетрин Ештон.

Ман наведе дека се забележува напредок на преговорите и најави дека Ештон денеска (08.11.2013) ќе се сретне со иранскиот министер за надворешни работи Мухамед Џавад Зариф.

Во потрагата по мирно решение на спорот околу иранската атомска програма преговарачите сега се трудат околу постигнување преоден компромис. Доколку Техеран ја прекине атомската програма за шест месеци, би биле деблокирани околу 50 милијарди американски долари, замрзнати пари од иранската продажба на нафта. Со тоа би се добило време за потрајно и поопсежно решение.

„Треба да пристапиме кон коренот на проблемот, облагородувањето на ураниум“, истакнува портпаролот на Ештон.

Според него, дипломатите од шест земји-членки ќе се сретнат денеска за да ја подготват средбата Ештон -Зариф. Шест земји - САД, Русија, Кина, Франција, Велика Британија и Германија - почнаа вчера во Женева дводневни преговори со Иран, со надеж дека ќе стават крај на деценискиот спор околу нуклеарните планови на земјата.

Иран бара да се ослободи од острите економски санкции кои ја влошуваат и онака лошата економска состојба во земјата, додека западни преговарачи настојуваат да го притиснат Техеран да ги прифати ограничувањата во својата нуклеарна програма.

Новото иранско раководство на чело со претседателот Хасан Рохани меѓутоа бара право на атомска програма во цивилни цели, вклучувајќи облагородување ураниум до пет проценти.

Од доаѓањето на власт на Рохани започна процес на приближување на Иран и Западот, иако досега без конкретни политички резултат. Денеска попладне во Женева ненадејно доаѓа лично американскиот министер за надворешни работи Џон Кери за да се сретне на преговарачка маса со својот ирански колега Зариф. Портпарол на Кери најави трилатерална средба меѓу двајцата и Ештон. Ова се индиции дека во иранскиот атомски спор доаѓа до придвижување.