1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

На повидок скандал: судија "местел" средби заради остварување добивка на Спортска прогноза?

24 јануари 2005

Стартот на првенствената фудбалска сезона беше со нетрпение очекуван од љубителите на фудбалот во Германија, но тој падна во сенка откако избија на виделина сомневањата за манипулирани резултати од страна на еден судија, за да оствари добивки на Спортската прогноза. Сомнителни куп- и средби од првенството на Втората германска фудбалска лига.

https://p.dw.com/p/Aelc
Од спорниот куп-натпревар: Барбарез (Хамбургер) протестира кај судијата Хојцер по израмнувачкиот гол на Падерборн
Од спорниот куп-натпревар: Барбарез (Хамбургер) протестира кај судијата Хојцер по израмнувачкиот гол на ПадерборнФотографија: dpa

Четири победи на гостите и две нерешени средби, само три успеси на домашните екипи, Баерн и Шалке ја продолжуваат трката рамо до рамо и по првото коло од пролетниот дел на првенството во фудбалската Бундеслига - но сево ова како да е во втор план во однос на скандалот што е на повидок: копретседателот на Германскиот фудбалски сојуз Тео Цванцигер на викендот отворено проговори за измамите на судијата Роберт Хојцер од Берлин на куп-средбата Падерборн – Хамбургер (4 спрема 2), но веројатно и на некои второлигашки средби, за да оствари добивка на државната Спортска прогноза. Цванцигер се повика на изјави на сведоци. Тогаш убедливото водство на Хамбургер од 2 спрема 0 второлигашот Падерборн во финишот го претвори во своја победа по низа чудни погрешни одлуки на судијата: два пенала против Хамбургер и исклучување на неговиот напаѓач Мпенца. Во Сојузот од петокот имале сознанија дека Хојцер го местел резултатот, рече Цванцигер за АРД - Првата програма на германската телевизија:

“Уште тогаш имаше одредени индиции во тој натпревар, и по нив беше поведена постапка на проверка, но сега тие сомневања се зацврстија во фонот на новиот доказен материјал што го имаме од вчера – за што јас дознав во петокот вечерта".

Државната Спортска прогноза веднаш информирала за упадливите случки на натпреварот Падерборн – Хамбургер. “Ние го набљудувавме натпреварот и потоа официјално му се обративме на Фудбалскиот сојуз. Ја алармиравме и полицијата во Берлин, каде се играше средбата, но според тогашната состојба на работите не можеше ништо да се докаже. Се чини дека сега Сојузот има нови сознанија, се спомнуваат изјави на сведоци, и сега работата ќе се разврзе. Најважно е да уследи безрезервно расветлување, за да се поврати довербата кај пријателите на фудбалот во чесноста на овој спорт” – рече за АРД Ервин Хорак, претседавач со Спортската прогноза.

Букмејкерот од Берлин Бернд Хобигер за спорниот куп-натпревар Падерборн – Хамбургер, вели: "Ние го сменивме и коефициентот од 7 ипол спрема 1 на пет ипол, зашто наспроти очекувањата, почнаа да доаѓаат влогови на Падерборн”.

Доколку се потврдат сомневањата, Хамбургер можеби ќе се обрати и до судот: “Ние поради тоа бевме исфрлени од натамошните натпревари во германскиот фудбалски куп. Целата сезона поинаку си ја претставувавме и ова не може и секако нема така и да остане” – вели Бернд Хофман , претседател на Хамбургер.

Денеска ќе се одржи вонредна седница на Претседателството на Германскиот фудбалски сојуз. Тео Цванцигер претпоставува дека е во прашање поединечен случај: “Според моите досегашни сознанија, морам да поаѓам од претпоставката дека имаме дело на еден судија. Не можам од сознанијата да заклучам дека имало повеќемина судии или помошници, кои учествувале во ова”.

И покрај скандалот, најголемиот дел од стадионите по 40-дневна зимска пауза беа добро исполнети. И веќе првото коло од пролетниот дел донесе некои битни исходи: од тракта за титулата веројатно испаднаа бранителот Вердер Бремен и изненадувањето на есента, амбициозниот Волфсбург. Баерн уште во петокот, во уводниот меч, забележа сигурна и резултатски убедлива победа од 3 спрема 0 над Хамбургер – и тоа настапувајќи без еден од клучните во тимот Михаел Балак, па со тоа го зголеми товарот врз конкурентот Шалке, кој го пречека носителот на двојната титула во првенството и купот Вердер од Бремен. Гостите не успеаја да ја зачуваат предноста со оствареното водство од 1 спрема 0. Целосниот пресврт во полза на Шалке со победоносниот гол на поранешниот голгетер на Вердер, Бразилецот Аилтон, е спорен и повторно ја заживеа дискусијата околу таканаречениот пасивен офсајд. Прашање е дури дали позицијата на Аилтон што му претходеше на голот воопшто може да се оцени како пасивен, туку дали не беше и активен офсајд. Во секој случај, директорот на Вердер, некогашниот репрезентативец Клаус Алофс, по поразот рече: “Ние не треба веќе да ја спомнуваме титулата”.

Чекор со челната двојка држи само уште Штутгарт, кој по победата на гости над Мајнц со 3 спрема 2 останува на три бода разлика зад Баерн и Шалке. Во тимот на Мајнц настапи и македонскиот интернационалец Новески, кој имаше и една убава гол-шанса. Во меѓувреме Тимо Хилдебрант, голман на Штутгарт и трет чувар на голот во селекцијата на сојузниот капитен Јирген Клинсман, објави дека на крајот на сезоната го напушта тимот, иако Штутгарт му понуди петкратно зголемување на примањата. Хилдебрант уште не открива каде ќе оди. Тренерот Матијас Замер го брани голманот од свирежите на навивачите: “Секој свиреж против Тимо е свиреж против екипата”.

Многу значајна победа во настојувањата за надминување на спортската криза на финансиски презадолжениот клуб оствари Борусија Дортмунд во Волфсбург со 2 спрема 1. Во тимот го немаше Бразилецот Евертон, но по долго отсуство поради повреда се врати капитенот, репрезентативецот Кристоф Мецелдер: “Сега мораме чекор по чекор да ја вратиме самодовербата и едноставно да бидеме желни за победи. Пред две години бевме сосем горе и повторно сакаме да се најдеме таму” – рече Мецелдер.

Ако работите на врвот рано почнаа да се расчистуваат, слично е и на дното: Ханза и Фрајбург одиграа нерешено 0 спрема 0 и заедно потонаа уште подлабото – сега заостануваат 8 бодови до спасоносното 15-то место на табелата. Ни Бохум не направи чекор кон посигурни води - дома одигра 2 спрема 2 со Херта Берлин и уште на крајот може да биде и задоволен, бидејќи гостите водеа со 2 спрема 0. Бохум има три бода повеќе од Ханза и Фрајбург, но 5 помалку од Борусија Менхенгладбах на 15-тата позиција. Борусија ја совлада Арминија Билефелд со 1 спрема 0 со голот на Крејг Мур, засилување од Глазгов Ренџерс. Нирнберг доживеа дома пораз од директниот конкурент во борбата за опстанок Кајзерслаутерн со 3 спрема 1.

Убедлив старт имаше Баер Леверкузен – 3 спрема нула победа на гостувањето кај Хановер. Засилување Баер доби во својот некогашен играч, тренер и спортски директор Руди Фелер, кој по селекторската функција во германската репрезентација и краткиот престој во Рим како тренер на Рома, сега е ангажиран за спортски шеф на Баер, пополнувајќи ја празнината што настана по заминувањето на менаџерот Рајнер Калмунд. “Сон би бил, се разбира, она што пред години постојано за малку ни бегаше, имено, можеби да станеме германски шампион. Сметам дека не треба да го закопаме тој сон” – рече Фелер стапувајќи на новата должност.

Накусо и за другите настапи на германските спортисти:

Ракометарите со победа го започнаа настапот на светското првенство што се одржува во Тунис – совладан е Египет со 28 спрема 25. Нареден противник на Германија во групата е Бразил.

Пливачката Сандра Фелкер го освои третото место на светското првенство во пливачкиот спринтерски четирибој, што се одржа во американскиот град Солт Лејк Сити. Бронзениот медал на 31-годишната Фелкер и’ го донесе победата во трката на 50 метри. Светска првенка во четирибој стана домашната претставничка Џенифер Родригез, сребрениот медал го освои Ангелика Котјуга од Белорусија. Фелкер во 1998-ма беше втора, а во ’99-та, како и сега, го освои бронзениот медал.