1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

На почетокот без забележителен успех

3 јануари 2011

2011 година за германскиот спорт започнува мирно и без позначајни успеси. Врвен фудбал ќе почне да се игра дури за десетина дена, кога стартува пролетниот дел од Бундеслигата.

https://p.dw.com/p/zt0z
Победниците во Гармиш Партенкирхен - Аман (средина), Карелин (лево) и Малич (десно)Фотографија: picture alliance / dpa

Најголемите возбудувања до почетокот на пролетниот дел од сезоната во фудбалската Бундеслига, веројатно ќе ги понуди отворениот пазар за трансфери. Првото возбудување веќе се случи, со разделбата на тренерот Ралф Рањик од прволигашот Хофенхајм. Главниот творец на успехот на тимот, кој за само неколу години од регионален лигаш стана етаблиран член на првата Бунделига, се реши да го напушти тимот поради несогласувањата со сопственикот, мултимилионерот Дитмар Хоп. Рањик, имено, беше револтиран од одлуката на Хоп без негово знаење да го продаде најдобриот играч на тимот, Луиз Густаво на Бајерн Минхен уште во зимскиот преоден рок.

Teamcheck08 Bundesliga 1899 Hoffenheim Ralf Rangnick
Ралф Рањик си замина од ХофенхајмФотографија: picture-alliance /dpa

„За мене, во моментов, сето ова е се’ уште нереално. Да бидам искрен, ќе поминат уште неколку недели пред кај мене се` да дојде на свое место“ , истакна Рањик.

Скијачки скокови и алпско скијање

Освен тој фудбалски исклучок, очите на германската спортска јавност, на почетокот на годината традиционално се завртени кон зимските спортови. Првите денови од 2011 не донесоа некои позначајни успеси. На традиционалната турнеја „Четири скокалници“, по првичните позитивни изблици, германските скокачи во денешното трето натпреварување на скокалницата во Инсбрук, влегуваат без поголеми шанси за висок пласман. Најголем пех доживеа Мартин Шмит, кој поради несреќно изведен скок не успеа ни да ги мине квалификациите.

„Со вакво нешто мора да се живее. Секогаш треба да се скока прецизно“, изјави разочараниот Шмит.

Flash-Galerie Skispringen Vierschanzentournee 2010/2011 Thomas Morgenstern
Томас Моргенштерн води во генерален пласман на турнејата „Четири скокалници“Фотографија: AP

По првите две станици од турнејата во Гармиш Партенкирхен и Оберсдорф, во генералниот пласман води Австриециот Томас Моргенштерн, пред Швајцарецот Симон Амани и Финецот Мати Хаутамеки.

Ниту големите ѕвезди на алпското скијање Марија Риш и Феликс Нојројтер не ја започнаа новата година во најдобро светло. Тие не успеаја да обезбедат место на подиумот на скијачкиот спектакл во Минхен, на кој во паралелен слалом се натпреваруваа најдобрите светски специјалисти во оваа дисциплина, во машка и во женска категорија. Сепак, двојната оолимписка првенка од Ванкувер, Риш беше задоволна:

„Важно е да се види дека скијањето во Германија е повторно во подем.“

Автор: СН/ТТ/дпа/дв

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска