1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

На прегласувањето главно мирно,но со неправилности

Горан Петрески20 јули 2006

Во Македонија вчера се прегласуваше на 29 изборни места.Првичните резултати покажуваат дека не е многу сменет распоредот на парламентарните сили.

https://p.dw.com/p/Ac4p
ДУИ се заканува,изборен плакат на партијата
ДУИ се заканува,изборен плакат на партијатаФотографија: AP

ВМРО ДПМНЕ има плус,а ДУИ минус едно место во македонскиот Парламент,тоа е резултатот од вчерашното прегласување во три изборни единици што синоќа доцна во ноќта го потвтдија штабовите на политичките партии.ДИК со конечните резултати од изборите ќе се огласи денеска напладне.Слично како и на 5 јули,и вчерашното прегласување мина без поголеми инциденти,но со голем број неправилности во изборниот процес.

-Семејно гласање,агитација,потоа попрелување во гласањето,поради што едно гласачко место е затворено,обиди за гласање со туѓа лична карта,организиран превоз на гласачи до избирачки места,рече Славица Билјарска,портпаролка на набљудувачите од организацијата Мост.

Повеќе од изборните напнатости тензија во Македонија внесе заканата на ДУИ,за можен бунт ако оваа партија не стане дел од идната владина коалиција.Муса Џафери,висок функционер на ДУИ во изјава за вчерашен Дневник порача дека ако не се почитува волјата на мнозинството албански гласачи,сите опции се отворени,а може да заиграат и калашникови.Заканата ја потврди и лидерот на партијата,Али Ахмети,и тоа на македонски јазик:

-Тогаш идната влада ќе има проблеми со народот,рече Ахмети.

Заканите одбија да ги коментираат во ВМРО ДПМНЕ,партијата која пред три дена за свој албански партнер во идната влада ја избра ДПА:

-Ќе го дадеме нашиот конечен коментар следните денови.Она што денес би можел да го кажам и да го порачам на луѓето кои се закануваат со насилство,тоа е демократската политичка култура ниту се купува во самопослуга,ниту се носи од планина.Таа се учи,таа се надградува,таа треба да биде дел и вредност на секоја политичка партија во Македонија,и нема да отстапиме под никаков притисок и закана на таа тема,изјави Антонио Милошоски од раководството на ВМРО ДПМНЕ.Се очекува идната недела да се одржи конститутивната седница на Парламентот.Според последните партиски комбинаторики за обезбедување парламентарно мнозинство,владината коалиција ќе ја формираат ВМРО ДПМНЕ со 45,ДПА со 11,НСДП со 7 и ДОМ и ПЕИ со по еден мандат,што ја дава бројската од 64 пратенички места.