1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

На ред е четвртфиналето во Лигата на Европа

7 април 2011

Фудбалската програма во Европа денеска се заокружува со првите четвртфинални мечеви во Лигата на Европа. Во Лигата на шампионите, Барселона и Манчестер Јунајтед направија голем чекор напред кон полуфиналето.

https://p.dw.com/p/10pKg
Фотографија: dapd

Во Лигата на Европа географијата е сосема поинаква од Лигата на шампионите. Во првите четвртфинални дуели денеска ќе настапат три екипи од Португалија, две од Холандија, и по една од Украина, Русија и Шпанија.

Последниот германски претставник Бајер Леверкузен беше елиминиран во осминафиналето од шпанскиот Виљареал, кој во четвртфиналето игра со холандскиот шампион Твенте Ентшеде.

Fußball Europa League Leverkusen Villareal
Бајер Леверкузен беше елиминиран во осминафиналето од шпанскиот ВиљареалФотографија: AP

Попов со Динамо против Брага

Тимот на Динамо Киев, за кој настапува македонскиот репрезентативец Горан Попов, на стадионот „Валериј Лобановски“ во Киев ја пречекува екипата на Брага од Португалија.

Другите две португалски екипи денеска настапуваат на домашен терен. Новиот првак на Португалија, Порто, го пречекува Спартак Москва, додека Бенфика во Лисабон е домаќин на ПСВ Ајндховен.

Реванш дуелите се играат на 14 април.

Барселона и Манчестер Јунајтед на чекор до полуфиналето

Синоќа, пак, беше затворен првиот круг од четвртфиналето во Лигата на шампионите. Фаворитот на хартија за освојување на титулата, Барселона, не му остави простор за надеж на Шахтјор, најголемото изненадување во Лигата до четвртфиналето. Каталонците со 5:1 славеа против „бразилските“ Украинци од Доњецк. Во големото англиско дерби, пак, Манчестер Јунајтед со голот на Вејн Руни успеа да победи во Лондон со 1:0 против домашната екипа Челзи. Ова е прва победа на „црвените ѓаволи“ на „Стенфорд Бриџ“ од 2002 година наваму. Сега Челзи е пред предизвик да го урне рекордот на Манчестер, кој цели шест години не е поразен на домашен терен во Лигата на шампионите, доколку сака да обезбеди пласман меѓу најдобрите четири екипи во Европа.

Автор:СН/ТТ/ртре/афп

Редактор: Жана Ацеска