1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

На САД им треба лечење!

Фолкер Вагенер / Б. Георгиевски24 октомври 2013

Сега уште и тоа! Не само што илјадници Германци биле систематски прислушкувани од американската НСА, туку шпиониран бил и мобилниот телефон на германската канцеларка. Така веќе не оди, смета Фолкер Вагенер.

https://p.dw.com/p/1A5a5
Фотографија: picture-alliance/dpa

Ангела Меркел, примерот за самоконтрола и мајстор на избалансираниот збор, сега е навистина лута. Психолозите би рекле дека ја загубила својата смиреност. Изборот на зборовите ја издава. Како „целосно неприфатливо“ го оценува прислушкувањето на нејзиниот мобилен телефон, „тешко нарушување на довербата“, и тоа меѓу блиски пријатели.

Истата Ангела Меркел пред неколку месеци, тогаш свежо објавените податоци за американското прислушкување ги коментираше умерено. Тогаш се слушнаа само апели на адреса на Вашингтон, за дополнително објаснување. Во меѓувреме, целата афера, која беше откриена на спектакуларен начин од Едвард Сноуден, се стопи во политичкото секојдневие.

Преминати сите граници

Но, сега канцеларката е разлутена. Може да и’ се замери на Меркел дека има двојни стандарди - од една страна анонимната маса на илјадници прислушкувани Германци, а од другата еден мобилен телефон, средство за комуникација на германската канцеларка. Но, тука се работи за пречекорување на едно табу. Како сојузна канцеларка, Ангела Меркел е креатор на германската политика. Нејзиното шпионирање е еднакво на непријателски акт. Но, во случајов не е непријателот тој кој се фатил за ова оружје, туку пријателот. Тоа е исклучителната деликатност.

Шпионажата, вториот најстар „занает“ во светот, беше симбол на Студената војна. Тајниот занает, очигледно и денес не загубил на актуелност. Она што се смени е предавателот. Чуму ми се непријатели, кога и пријателите не ми веруваат? Никој не би се разлутил кога Пекинг или Москва би се обиделе да дојдат до нашите политички и економски планови. Ние дури премолчено прифаќаме дека тоа е така. Но, однесувањето на Вашингтон погодува повеќе чувствителни точки.

Deutsche Welle Volker Wagener Deutschland Chefredaktion REGIONEN
Фолкер ВагенерФотографија: DW

Пријателство на работ на амбис

Најпрво, шпионирањето на граѓаните е јасна повреда на правната држава. Особено затоа што граѓанските права и заштитата на податоците ги дефиниравме со толку високи стандарди и ги утврдивме во законите, ова толку не разлутува. Второ, Германија му припаѓа на кругот најблиски соработници на САД, и како такви сакаме и да не третираат. И трето, нашите симпатии кон Обама од откривањето на НСА аферата со месеци се намалуваат. А, сега уште и тоа: љубезниот господин Обама дозволил да се прислушкува мобилниот телефон на Меркел!

Меѓу пријателите едно вакво нарушување на довербата би претставувало крај на пријателството - што во политичка смисла би било бесмислица, или како последица би се случила бура. Никој повеќе од пријателите нема право да стави на маса тешки теми и доколку е неопходно да понуди и деликатни решенија. Во овој случај, на САД треба да им се советува својата параноја, настаната од терористичките напади од 11 септември, конечно да почнат да си ја лечат. Најдобар начин би било преку транспарентно однесување и сечење на краците на НСА.

Овие власти веќе долго туркаат во сенка нешто што источногерманската комунистичка тајна служба го практицираше до 1989. година и го доведе до апсурд. И тоа треба нешто да значи.